Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за набавка на вакцини против КОВИД-19 за 2022 година, според која е утврдена потребата од набавка на 500.000 дози на мРНА (мРНК) вакцини од производителот „Фајзер“, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1 отсто од вкупниот број деца во земјава на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози.
– Согласно информацијата дозите за возрасните ќе почнат да се испорачуваат од месец мај, а педијатриските дози во првото тримесечје на 2022 година. Вкупната количина треба да се испорача до декември 2022 година, соопштија вчера од Владата.
Според последните информации, во државата е вакцинирано 48 отсто од полнолетното население.
Надлежните апелираат за помасовна вакцинација, бидејќи, како што посочуваат, само така ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на коронавирусот.
Во државата сè уште не е регистриран случај на заразен со омикрон и сè уште е доминантна делта варијантата.
Вчера беа регистрирани нови 353 случаи на КОВИД-19 од направени 3.162 тестирања или 11 отсто, што е под минатонеделниот просек на позитивност 13,1. Најмногу нови случаи има во Скопје – 174, потоа Прилеп – 42, Битола – 27 и Кавадарци – 22. Регистрирани беа и 450 оздравени пациенти, како и вкупно 14 починати, од кои 10 лица од изминатото деноноќие, а четири преку системот „Мој термин“ во период од 19.11-07.12.2021 година.
Досега во земјата се направени вкупно 1.507.103 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 219.843, бројот на оздравени пациенти е 206.661, на починати е 7.754, а бројот на активни случаи изнесува 5.428.
Најмногу активни случаи има во Скопје – 2650, следи Битола – 445, Прилеп – 352, Кавадарци – 257, па Охрид – 209. Во другите градови има под 200 заразени, а во Дебар нема ниту еден активен случај.
Според светската статистика, досега од коронавирусот се заразиле над 271 милион луѓе, починале повеќе од 5,3 милиони и оздравеле 244 милиони жители.
СЗО предвидува дека Африка ќе успее да вакцинира 70 проценти од своето население дури до август 2024 година, ако имунизацијата се одвива спред ова темпо. Оттаму побараа да се забрза кампањата за вакцинација, која значи „спасување на многу животи“.
Прагот од 70 проценти се смета за клучен за контрола на пандемијата, потсети Регионалната канцеларија на СЗО за Африка.
Но, до 13 декември, само дваесет африкански земји вакцинираа најмалку 10 проценти од населението, само шест достигнаа 40 проценти и две (Маурициус и Сејшели) 70 проценти.
Во борбата против ковид, од компанијата „Фајзер“ очекуваат да помогне и нејзиниот лек „Паксловид“. Истражувањето на лекот на Фајзер против Ковид-19 потврди дека помага во спречување на сериозни болести.
Во соопштението на компанијата се наведува дека антивирусниот лек во лабораториски услови бил ефикасен и против сојот омикрон.
„Фајзер“ соопшти дека лекот „Паксловид“, доколку се дава во рок од три дена од почетокот на симптомите, го намалува ризикот од хоспитализација и смрт за 89 проценти. Доколку се даде во рок од пет дена, ризикот се намалува речиси за исто толку, за 88 проценти.
Британска студија, објавена вчера, покажа дека заразата со коронавирус повеќе може да предизвика ретки кардиоваскуларни компликации како што се воспаление на срцето и неправилна работа на срцето отколку вакцините.
Анализата поврзана со возраста, исто така, покажа дека поголем ризик од миокардитис поврзан со мРНА вакцините на Фајзер/Бионтек и Модерна е присутен само кај оние помлади од 40 години, велат истражувачите. Во Словенија вчера беше потврден првиот случај на омикрон варијантата на коронавирус.