Две британски опозициски партии, Шкотската национална партија и Либералните демократи сакаат изборите да се одржат на 9 декември, три дена порано од предлогот на премиерот Борис Џонсон, што претставува уште еден обид да се запре излегувањето на Велика Британија од Европската унија без договор.
Следните општи избори не беа планирани до 2022 година. Сепак, премиерот Џонсон предложи одржување на предвремени избори на 12 декември заради решавање на кризата со Брегзит.
Опозициските партии, исто така, планираат да побараат од лидерите на ЕУ да го продолжат рокот за Брегзит, најмалку до 31 јануари 2020, со цел да обезбедат повеќе време за разговори околу договорот кој го постигна Џонсон со Брисел.
Џонсон рече дека ако пратениците ги одобрат изборите на 12 декември, тој ќе се обиде да го протурка брзо својот договор во парламентот.
Тој бара одложување на Брегзит за само неколку недели за да се одржи притисокот врз пратениците.