Во 1944 година британското и американското разузнавање врз основа на своите луѓе на теренот изготвиле извештаи за Македонија во кои нагласуваат моменти кои делуваат прилично интригантно. Меѓудругото и дека македонското партизанско движење попрво е националистичко, отколку комунистичко, дека македонските партизански лидери размислуваат за Македонија од Места до Охрид и од Солун до Куманово и дека Македонците се сосема различен народ во однос на соседите

Дарко ЈАНЕВСКИ

Во перцепијата на просечниот Македонец, посебно кај оние што имаат антикомунистички чувства, македонското партизанско движење се доживува како просрпско движење чија првенствена цел била да го воведе комунизмот во Македонија и да ја зачува нашата држава во рамки на Југославија. Меѓутоа, документите што ги откри своевремено д-р Тодор Чепреганов, тогашен директор на Институтот за национална историја, нудат сосема поинакво светло врз македонските партизани, вклучувајќи тука и низа водечки личности на движењето, сеедно за оваа прилика што тоа ‘светло’, по ослободувањето беше во одредена мера замаглено.

Во Македонија во 1944 година, во тек е британската мисија ‘БРЕСОНЕСЕ’ на чело со капетан Мекдоналд, припадник на Управата за специјални операции. Како што стои во извештајот на Мекдоналд, од јануари до средината на април 1944, мисијата била во Грција, меѓу планината Кајмакчалан и реката Вардар, а подоцна, северно од Охридското Езеро, се до октомври кога мисијата завршува. Нејзин плод е извештајот во кој, во рамки на оценката на британската мисија за политичката ситуација во Македонија, се вели:

‘Македонското партизанско движење во својата основа пред се е националистичко, а потоа комунистичко движење. Во нивната пропаганда, за цело време нагласувањето е ставено на македонската национална независност. Бидејќи тие немале независност од дванаесеттиот век, очигледната брзина во реализирањето на оваа цел ги има обединето сите нијанси на политичкото мислење во Македонија позади партизанското движење… Нивните лидери сериозно сметаат дека Грција и Бугарија ќе и отстапат територии на нова Македонија. Според нив, границите би се протегале од реката Места до Охрид и од Солун до Куманово. Јас би нагласил дека ова не е некое мудрување, туку сериозно е поставено од Апостолски (Михајло Апостолски, н.з.), Абас (Цветко Узуновски, н.з.) и другите’.

Мекдоналд нагласува дека партизанските лидери од Македонија, во исто време, ја сфаќаат ‘неопходноста да бидат член на силна федерација на југословенските држави’. Тоа, според него, е последица на фактот што Македонија со векови била цел на различните балкански држави, па оттука, лидерите на партизанското движење знаат дека самите Македонци не се доволно силни за да ја задржат својата независност и ќе ‘треба да се потпрат на силна Југославија’.

Во поглед на економската ситуација во Македонија, Мекдоналд дава една прилично невообичаена и за нашата себеперцепција неповолна оценка: ‘Македонија е потенцијално богата, но единствена пречка кон било каков економски напредок се апатијата на народот и неговата мрзеливост… Сиромаштијата е многу голема и селаните живеат во нечистотија од свињите и домашните животни како резултат на мрзеливост. Облеката е од најлошата. Нивниот живот е многу едноставен. Нивна единствена грижа е да обезбедат доволно храна за да се задоволат себе си и своите фамилии преку зимата’, истакнува Мекдоналд.

ГРЦИ ИМ ДАВААТ ХРАНА

Што се однесува до самите партизани тој наведува дека тие многу страдаат во зимата: ‘Две третини од бригадата се без чизми и многу од нив се без чевли или било какви чорапи. Многу починаа од смрзнатини’.

Мекдоналд се осврнува и на грчко-македонските односи. Врските меѓу политичките и воените лидери ги оквалификува како ‘блиски и срдечни’:

‘Нашите партизани постојано покажуваат одвратност кон неактивноста на андартите, а од друга страна тие зборуваат многу убаво за грчкиот народ кој ги хранеше преку целата зима и се грижеше за ранетите… Под режимот на Метаксас, македонскиот јазик бил целосно забранет… Македонските територијални барања вклучуваат дел од Солун и северно од него. На ова ќе се осврнам подоцна. Јас многу пати го покренав прашањето на грчката спремност да изгубат територија во корист на Македонија’, запишал Мекдоналд.

Тој додава нешто што кај денешниот просечен Македонец веројатно ќе предизвика позитивно изненадување. Партизанскиот план бил да се спроведе слободно гласање на територијата на Македонија за границите меѓу идните држави на Балканот:

‘Партизаните сметаат дека во однос на тоа не би требало да има проблеми бидејќи границите ќе бидат поставени според слободното гласање на народот. Слободното гласање би ги решило сите проблеми и е постојано повторувана тема од македонските партизани. Ист е случајот и со Албанија. Трите партизански движења, албанското, грчкото и македонското, навистина имаат многу силни заеднички врски, не покажуваат страв или сомневање едно од друго и активно и подготвено соработуваат’, истакнува британскиот разузнавач.

Во поглед на гласањето за нови граници на Балканот, посебно меѓу Југославија и Грција, Мекдоналд ја навел и забелешката дека Цветко Узуновски-Абас признал дека Грците се уште не се согласиле во однос на гласањето, но сметал дека ‘тоа е само академски’ и изгледал убеден дека на крај Грците ќе се сложат со предлогот. Но, како што Британецот иронично забележал, ‘Абас изгледа премногу буквално ја сфатил Атлантската повелба’ потпишана во 1941 година, првично само од Винстон Черчил и Франклин Рузвелт, за повоеното уредување на светот.

Во извештајот Мекдоналд се осврнува и на борбената способност на македонските партизани, истакнувајќи дека ‘им недостасува офанзивен дух’.
‘Апостолски призна во јануари дека македонските партизани секогаш избегнувале акции и самиот си рекол дека Косоварите нема да продолжат да ја водат целата борба. Некои македонски командири како индивидуи се храбри, но повеќето со ајдучки тип на храброст, а само неколкумина имаат тактички концепции. Дисциплината е лоша и дезертирањето беше често за време на офанзивата’, запишал Британецот.

НЕ СЕ АЛБАНЦИ, НИТУ ГРЦИ, НИТУ БУГАРИ, НИТУ СРБИ

Истата година, американската Канцалерија за стратегиски работи ОСС, врз основа на известувањата од американските разузнавачи на теренот, под назнаката ‘тајно’ изготвила анализа ‘во однос на прашањето за југословенската федерација’. Во анализата, меѓудругото, стои и дека ‘Македонија дефинитивно не припаѓа кон српската страна’.

‘Етнички, национално, општествено, психолошки и историски, Македонците се разликуваат од Србите. Тие лингвистички повеќе се разликуваат од Србите, отколку што се разликуваат Србите од Хрватите. Сепак, Македонците не се хомогена нација… Македонските Словени, најголемата етничка група, претставува одвај 30 отсто од целокупното население. Македонскиот национализам е многу неприроден. Тие се група на народ поврзана со географскиот фактор, со слична општествена структура и историско минато. Тие не се формирани во цврста национална единица. Но, нивната независност, пред се, се оправдува со фактот дека тие се разликуваат од сите соседни народи – не се Албанци, ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби, и тие имаат организирано силно движење за автономија во рамките на јужнословенската федерација’, се вели во анализата на американската служба.

Според тој материјал, формирањето на македонска национална држава би можело да се реализира единствено со обединување на сите Македонци (кои живеат во Југославија, во Грција и во Бугарија) во една единица, која би била дел од југословенската федерација.

‘Вклучувањето на Македонија во Југославија е оправдано од следните при~ини:
– Југословенска Македонија е пиемонт на сите Македонци;
– Борбата на југословенска Македонија беше промовирана во оваа војна од антифашистичките сили, како спротивност на бугарска Македонија поддржувана од Оската или за целосно ‘независна’ Македонија заговарана од Ванчо Михајлов, кој беше држен од Хитлер во резерва…
– Народно ослободителното движење на Југославија… се чини беше најсилна сила која даваше гаранција за реализирање на долго очекуваното обединување и автономија на македонскиот народ…’, се вели во американската анализа.

Се разбира, подоцна токму Британците и Американците се погрижија да не дојде до обединување на македонскиот народ, но се чини, тогаш и во Народна Република Југославија дојде до поинаков поглед кон водечката идеја на македонското партизанско движење.

Д-Р ТОДОР ЧЕПРЕГАНОВ: ‘Фер плебисцит би донел слободна Македонија!’

– Голем дел од овие документи открив при моето истрување во Националниот архив на Велика Британија. Од нив се гледа дека британските членови на мисииите во 1943/44 година немаат дилеми и колебања околу тоа кои се и што се Македонците. Меѓутоа, посебно е карактеристично што на членовите на мисиите им било сугерирано да не се мешаат во политичките работи на Македонија и да избегнуваат комуникација во која би споменувале нешто во врска со иднината на земјата по ослободувањето. Инаку, за цело време, сите членови на мисиите, кога зборуваат за Македонија мислат на целата нејзина територија, сеедно на која држава и припаѓаат одредени делови во тој момент. Некои од нив, како Артур Еванс кој бил испратен во Егејска Македонија, претходно биле брифирани дека ќе сретнат само Грци. Но, самиот вели дека наместо тоа, дошол во непосреден контакт со Македонци. Членовите на мисиите тоа и го истакнуваат – дека жителите едноставно не се чувствуваат Грци – вели д-р Тодор Чепреганов.

Тој додава дека Американците преземаат мисии подоцна, кон средината на 1944 година, но и нивниот заклучок е ист – нема дилема кои се луѓето што живеат на таа територија и за што се борат.

– Тие знаат што се случува и за што се борат македонските партизани. Еден од нив вели: ‘Неформирањето на македонска држава е една од грешките на историјата, односно историски лапсус. Еден фер плебисцит би резултирал со слободна Македонија’. Меѓутоа, истиот известувач додава дека не може да замисли да егзистира независна Македонија, сеедно што, како што вели, и самиот го посакува тоа, бидејќи тоа барање би било со сила задушено од Грците од цела Грција кои би се кренале на нозе. Известувачот додава и дека причината за тоа е што со евентуалното губење на Македонија, Грција која е прилично сиромашна земја, би била уште посиромашна бидејќи би останала без најпродуктивната територија. Според истиот Американец, барањето на Солун кај Грците би предизвикало бес, што би резултирало со крвава и жестока војна- ја раскажува д-р Чепреганов содржината на од него откриените документи пред неколку години.

Тој додава дека кога сето ова ќе се сумира, станува јасно дека на големите сили им е познато што и како се случувало во Македонија, оттука и заклучокот дека македонското партизанско движење пред се е национално, а потоа комунистичко, но истакнува дека политиката има свои патишта кои во овој случај очигледно се соема различни од тоа што го нуди историската вистина.