Британскиот милијардер Ник Кенди „активно ги разгледува опциите за да достави потенцијална понуда“ за купување на фудбалскиот клуб Челзи, објави сервисот Би-Би-Си.
Според истиот извор, Кенди, кој е навивач на Челзи уште од дете, се обидува да формира конзорциум од повеќе странски инвеститори.
– Секоја понуда би била дадена во соработка со конзорциумот. Господинот Кенди има голем афинитет кон Челзи. Тој од својата четврта година ги гледа натпреварите на „Стенфорд бриџ“, изјави неговиот портпарол.
Досегашниот сопственик на Челзи, рускиот милијардер Роман Абрамович, го стави клубот на продажба минатата недела по руската инвазија на Украина.