Британскиот министер за надворешни работи за Азија и Пацифик, Марк Филд брутално нападна активистка на „Гринпис“, која само што помина покрај него за време на еден политички собир.

Снимката од нападот предизвика бура во јавноста и министерот Филд е суспендиран иако медиумите во Велика Британија бараат негова оставка.

Познати британски банкари и политичари соноќа се собраа во Лондон за да го слушнат говорот на канцеларот Филип Хамонд и гувернерот на британската банка Марк Карни, но на почетокот од говорот во салата упаднаа 40 активисти на „Гринпис“.

Неколку девојки успеаа да влезат во салата, а една од нив поминуваше покрај масата на која што седеше Филд, кој ја удри, ја бутна на столбот, грубо ја грабна, ја фати за вратот и ја избрка од салата.

Филд рече дека го сторил тоа, бидејќи бил загрижен за безбедноста.

„ Многу гости се чувствуваа загрозени кога активистите влегоа во собата. Кога една од нив трчаше крај мене, инстинктивно реагирав. Немаше обезбедување, и бев загрижен дека е вооружена, па ја фатив и ја исфрлив“, рече Филд.