Долниот дом на британскиот Парламент денеска ќе спроведе ново гласање за одржување предвремени парламентарни избори, што ги посакава премиерот Борис Џонсон во обид да се реши политичката криза околу Брегзит.
Џонсон повеќе нема мнозинство во парламентот, откако еден пратеник – кој овозможуваше мнозинство – се пресели во Либерално-демократската партија.
Минатата недела Парламентот го отфрли предлогот на Владата за одржување на изборите на 15 октомври.
Британскиот премиер сака изборите да се одржат пред самитот на Европската унија закажан за 17-18 октомври. Тој состанок би можел да биде последната шанса Лондон да постигне договор со Брисел за повлекувањето на Велика Британија од членството во ЕУ закажано за 31 октомври.