Марко Петревски

Десетина години по смртта на славниот отомански патеписец Евлија Челебија, дваесеттина години пред Карпошовото востание и палежот на Скопје за време на контраофанзивата против Oсманлиите на австрискиот генерал Енеа Силвио Пиколомини, низ Македонија поминува британскиот научник и патеписец Едвард Браун, а подоцна и објавува книга со неговите доживувања на овие простори.

Неговите извештаи за патувањата низ Унгарија, Србија, Бугарија, Македонија, Австрија, Словенија и Италија се срочени во книга која е издадена во Лондон во 1673. Од насловницата на делото забележливо е дека Едвард Браун има посебен интерес за металните руди, минералните води и природните богатства, а во патеписите дава и сознанија за растителниот и животинскиот свет каде што минувал. Освен податоците од областа на природните науки тој во репортажите дава сликовит опис за општествениот живот во 17 век.

Патеписецот забележува дека познавајќи ги само Германскиот и Словенскиот јазик (German and Sclavonian language) секој патник во тоа време може да пропатува од Германија до Константинопол. Иако Едвард Браун можеби сите словенски јазици ги нарекувал со еден збор, словенски, тој во целата книга Македонија ја разграничува од Србија и Бугарија.

„Семафори“ кои предупредуваат од разбојнички банди

Патувањето низ Македонија, Србија и Бугарија му било поотежнато за разлика од посеверните региони како Унгарија и Австрија. Браун запишува дека движејќи се низ Балканот постојано имал чувство дека може да биде плен на разбојнички банди, а во потесните премини на патиштата постоеле и своевремено импровизирани „семафори“ кои давале знак дали тие премини се безбедни за патниците.

„И поради тоа – мислејќи на честите грабежи на патиштата, за патниците да бидат безбедни имаше поставено тапанџии во опасните премини. Во Македонија во еден тесен премин видов еден стар човек качен на сртот на ридот како тропа на тапан. Со тоа дознавме дека преминот е чист и без крадци“, запишал патеписецот Едвард Браун.

Покрај стравот од разбојниците на патиштата, кучињата-чувари на македонските села и предупредувачките завивања на волците во шумските предели, британскиот патеписец имал потешкотии со патувањето низ Македонија поради непрецизноста на мапите. Грешките во географските мапи во тоа време биле нормална појава имајќи предвид дека не постоела ГПС технологија и овие патувања биле единствениот начин тие грешки да се поправат.

Промената на топонимите била причина за дополнителни недоследности со мапите кои тој ги имал. Во еден момент еден Турчин кој го придружувал низ Македонија со потсмев му рекол дека мапите што ги поседува може да му послужат само во поголемите градови и на ниедно друго место во Македонија. Според Браун, грешки во мапите имало низ целото негово патување, но, нагласува дека „тој што патува низ Македонија никогаш нема да ги најде точните локации на реките и градовите како што се означени на мапите“.

Македонците биле претпазливи и плашливи од средби со непознати

Британецот во патеписите македонското население го опишува како претпазливо. Набљудувајќи го христијанското население во Македонија тој забележувал, според него, непотребна претпазливост и страв кога доаѓал во средба со нив, а особено непријатни биле ситуациите кога се движел по патиштата позади нив.

Секогаш кога тој се движел по патот, а пред него имало локално христијанско население, луѓето скршнувале од патот по други скратени патчиња или се тргале настрана и се криеле во шумата. Оваа претпазливост е разбирлива имајќи ја предвид жестокоста на османлиското владеење и положбата на македонското и христијанското население во Отоманската империја.

Освен тоа, во наредниот пасус Едвард Браун споменува дека она што најмногу го погодило било тоа што посведочил трговија со човечки животи, поточно препродавањето на робови што, како што вели тој, било забележливо во овие земји. Можеби ова е дополнителната причина за претпазливоста на христијанското население кое го забележал британскиот патеписец.

Во овој дел од преписите на Британецот Едвард Браун се прикажани основните впечатоци за безбедноста и начинот на живот во Македонија и Балканот. Во наредните продолженија од овој фељтон ќе прочитате за Брауновите доживувања и животот во Скопје во 17 век, за неговите впечатоци од Прилеп и околината на Марковите Кули, но, и за неговите први вкусувања на храна и уникатни рецепти кои дотогаш никогаш ги немал дегустирано.

(продолжува)