Марко Петревски
Иако патувал низ Македонија со полуточни мапи и ориентацијата во средиштето на Балканот за него била макотрпна, Едвард Браун запишал доволно податоци за Македонија во книгата што е издадена во Лондон во 1673 година. Освен информациите за рудните богатства, растенијата, плодовите, животинскиот свет и општествениот живот, британскиот патеписец пренесува податоци и митски приказни и од античкиот период кои ги слушнал во Македонија.
Едвард Браун го спомнува античкиот крал Филип Втори Македонски на почетокот на неговото пристигнување во Македонија. Преоѓајќи од Србија кон Македонија авторот запишал дека ридовите помеѓу овие земји се дел од планината Хаемус која пак, е позната под различни имиња. Се верува дека се простира од Јадранското Море на запад до Црното Море на исток.
Филип Втори и видикот кон Јадранско и Црно Море
Овој планински појас има неколку премини кои, како што наведува патеписецот, во минатото кралот Филип Втори Македонски ги затнал за да го заштити кралството од соседните народи. Откако Филип ги обезбедил премините, непријателите не можеле никако да навлезат во Македонија освен, иронично вели Браун, доколку не паднат од облаците.
„Постои верување дека од средишните и највисоки врвови на планината Хаемус човек може да ги види Јадранското и Црното Море. И кралот Филип пробал да се увери во ова, но, не верувам дека го задоволил своето љубопитство. Не верувам дека некој воопшто може да ги види двете мориња од овие врвови. Додека бев на високите планини свртен кон Јадранското Море сфатив дека високите ридови во Албанија го попречуваат хоризонтот кон морето“, запишува патеписецот.
Големиот пожар во Кратово
Едвард Браун посетил и престојувал во многу градови и села низ Македонија. Бил во Скопје, Прилеп, Битола, Куманово, Кратово… поминал преку поголемите реки Вардар, Црна Река, Бистрица, Пчиња… и како што запишал и самиот, честопати бил збунет ориентирајќи се во Македонија. Од Куманово, Браун дошол во град по име Купрулих или градот на мостовите. Низ овој град, патеписецот запишал и најверојатно погрешил, дека тече реката Пчиња преку која има убав мост.
Градот на кулите и мостовите и денес е синоним за Кратово поради повеќето мостови изградени на Кратовска Река, која пак се влева во Крива Река и потоа во Пчиња. Од друга страна, друг показател дека станува збор за Кратово е името Купрулих, кое во неговата основа го содржи латинскиот збор за бакар cuprum. Покрај мостовите, Кратово и околината се познати наоѓалишта на олово, цинк, злато и бакар.
„Додека бевме во градот одненадеж изби пожар. Огромен дел од градот изгоре уште пред ние да излеземе од него“, забележал Едвард Браун за неговиот престој во Кратово.
За Турските големци било чест да имаат син роден во Македонија
Поминувајќи ги високите планини кои според патеписецот светат како сребро Браун пристигнува во Прилеп. Во околината на градот авторот споменува локалитет кој бил најкарпестиот предел што некогаш го видел.
„Карпите на оваа планина се поставени една врз друга без да има земја измеѓу нив. На сртот високо на планината е силно утврдениот замок на Марко Крале, човек кој во минатото бил многу познат во овие предели“, запишал авторот пред да тргне за Битола.
Преку Пелагонија Браун стигнува во Битола, а местоположбата и населението на патеписецот му оставиле силен впечаток. Интересен податок кој го дава Браун е тоа што некој турски големец од Лариса во Тесалија, ја носи неговата бремена сопруга во специјална болница за породување која тогаш постоела во Битола.
„Турците имаат високо мислење за Александар Македонски и за турските големци е голема чест доколку имаат син роден во Македонија“, поентира Едвард Браун.
(продолжува)