Марко Петревски
Престојот на британскиот научник и патеписец Едвард Браун во втората половина од 17 век во Македонија бил во топлите месеци од годината, а тоа се забележува од неговите записи каде што вели дека температурата на Балканот била висока. Летото и раната есен се најплодните сезони од годината кога овошките, зеленчукот и градинарските култури на Балканот се зрели и подготвени да се постават на трпезите.
Заминувајќи од Битола преку Лерин, патот го донел до селото Горно Врбени во Егејска Македонија. Од овде можел да ја види планината Олимп на крајот на хоризонтот седумдесеттина милји од него, а од левата страна и двете езера Петерско и Островско. Близу Врбени имало издашни извори на минерална вода, а патеписецот и спомнува предание за настанокот на овие езера. Наводно, тие во минатото биле создадени со тоа што локалните жители со огромни камени блокови изградиле брана на реката и целото поле го поплавиле создавајќи големо езеро.
Заминувајќи од Македонија, патеписецот стигнува во градот Лариса, во Тесалија. Овде, на овој дел од Балканот, Браун преку неговите записи зборува за начинот на исхрана, кулинарството и за прехранбените навики на населението на Балканот. Браун споменува дека овде имало многу желки и христијанското население го јадело нивното вкусно месо. Тоа пак, наидувало на потсмев од Турците кои претпочитале пилешко и овчо. Овој запис може да се смета за показател на класните разлики во Отоманската империја бидејќи пилешкото и овчото месо може да го јаде само оној кој има стадо овци или чува кокошки, а желкиното месо е бесплатно и може да се набави од шумите.
Првиот домат во Тесалија
Покрај импресиите од големите и највкусни лубеници што Браун ги пробал, виновата лоза, смоквите, калинките, портокалите, сливите и други плодови кои веќе биле распространети низ Европа, патеписецот од Британија споменува овошје кое дотогаш никогаш не го сретнал.
„Тие имаат овошје кое го викаат патлиџан. Вкусот е нешто помеѓу лубеница и краставица. Од него прават вкусно јадење. Семките од срцевината ги вадат, ги полнат патлиџаните со месо или колбаси и потоа ги варат“, запишал Едвард Браун во 1673 година кога за првпат вкусил домат.
Според информациите кои се достапни на интернет, доматите првпат биле донесени во Европа во 16 век, но, долго време потоа не биле плантажно одгледувани и многу ретко можело да се најдат на трпезите низ Европа. Потеклото на доматите е од Јужна Америка и веројатно првпат биле култивирани од Инките и Ацтеките во раниот среден век. Иако сега доматот е широко распространет насекаде во светот, во Британија првпат почнал да се одгледува плантажно и да се продава на пазарите дури во 19 век.
Балканскиот кромид бил тројно поголем од британскиот
Според Браун, во тоа време балканците во речиси секое јадење додавале лук. Иако дотогаш патеписецот не обожувал кромид и лук, запишал дека тие овде се извонредни за разлика од оние во Британија. Биле двојно или тројно поголеми, вкусот им бил попријатен односно умерено лут и не биле со толку непријатен мирис. Во пределите на Македонија и Тесалија покрај плодовите за прехрана и зачините како мајоран, рузмарин и сусам, Браун забележал дека во големи количини се одгледува висококвалитетен тутун и памук.
Во наредното и последно продолжение од овој фељтон ќе прочитате за престојот на Едвард Браун во Скопје и за атмосферата во градот дваесеттина години пред да биде изгорен од пожарот кој го предизвикал Пиколомини.
(продолжува)