Британските пратеници го отфрлија договорот за брегзит, постигнат помеѓу премиерката Тереза Меј и Брисел.

„Против“ договорот гласаа 391 пратеник. „За“ договорот гласаа 242 пратеника.

При првото гласање на 15 јануари, „против“ Договорот се изјаснија 432 пратеници, а 202 беа „за“.

Повеќето од евроскептичните пратеници, кои се изјаснија против документот, изјавија дека „правно обврзувачките“ промени во Договорот, што вчера ги постигнаа Меј и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и кои предвидуваа заштитен механизам за „ирската граница“, не биле „доволно убедливи“.

По вечерашното отфрлање на Договорот, се очекува Меј да побара пратениците утре да се изјаснат за можноста за Брегзит без договор, а доколку го одбијат и тоа, в четврток да гласаат за евентално одлагање на британското напуштање на Унијата, предвидено за 29 март.

Во обраќањето до пратениците пред вечерашното гласање, Меј ги повика да го поддржат Договорот, нагласувајќи дека во спротивно е можно Велика Британија да остане во ЕУ.

– Работата е јасна… Оние кои сакаат да дојде до Брегзит, мислам дека треба да знаат оти ако вечерва не го усвоиме овој Договор, ризикуваме Брегзитот воопшто да не се случи, истакна Меј.

Главен спорна точка во Договорот за евроскептичните британски пратеници беше одредбата за „ирската граница“, која предвидуваше статусот на границата меѓу членката на ЕУ, Република Ирска и британската покраина Северна Ирска да остане ист каков што е сега и за време на преодниот период по Брегзит, што би требало да трае до крајот на 2020 година и во кој треба да се најде конечно решение.

Тврдокорните приврзаници на Брегзитот, пред се во редовите на Конзервативната партија на Меј, не се согласуваат со ваквата одредба во Договорот, бидејќи стравуваат дека со тоа Велика Британија би можела да остане „врзана за ЕУ, можеби и на неопределено време“.