Меѓународниот аеродром во Дубаи ќе се врати со полн капацитет во рок од 24 часа, откако во вторникот беше погоден од најсилните врнежи во последните 75 години во Обединетите Арапски Емирати, соопштија денеска аеродромските власти.

Главниот оперативен директор на аеродромот во Дубаи, Маџед Ал Џокер, истакнува дека, по повторното отворање на терминалите 1 и 3, сообраќајот на аеродромот е постабилен.

„Благодарение на тоа, повеќето авиокомпании престанаа да откажуваат летови и успеаја делумно да го вратат редовниот режим“, рече директорот.

Аеродромот во Дубаи претходно денеска објави дека терминалот 1 продолжил да прима летови, а авиокомпаниите Емирати и ФлајДубаи отворија пријавување за нивните летови на терминалот 3, но распоредот на летови не можел целосно да се врати.

Авиокомпаниите ги предупредија патниците дека треба да дојдат на аеродромот само доколку добијат потврда за резервацијата од авиокомпанијата.

Ал Џокер додаде дека работата на аеродромот сега е обновена на 70 отсто од неговиот капацитет и дека инфраструктурата на аеродромот не претрпела сериозни оштетувања.

„Откако операциите ќе се вратат во нормала, ќе ја процениме штетата и ќе можеме да ги утврдиме загубите“, рече тој.

Меѓународниот аеродром во Дубаи и денеска има оперативни проблеми поради последиците од невремето во вторникот, а патниот сообраќај се уште не е нормализиран, пренесе Ројтерс.

Аеродромот утринава соопшти дека приемот на дојдовните летови продолжил на терминалот што го користат странските авиокомпании, но дека летовите сепак доцнат.

Само една писта била отворена за сообраќај на автопатот низ Дубаи, а главниот пат што го поврзува тој град со Абу Даби е затворен во правец на Абу Даби.

Во Дубаи во вторникот паднаа повеќе од 120 милиметри дожд на метар квадратен во рок од 24 часа, што е рекордна количина на врнежи што вообичаено се забележува во една година.