Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во објава на Инстаграм од шаторот во Пионирски парк каде што седеше со „студенти кои сакаат да учат“ ја објави нивната победа.
„Еве ме тука во Пионирски парк, или како што сакаме да го наречеме, Ќациленд, со гордост, со овие прекрасни млади луѓе кои само сакаат да учат и кои сега сфаќаат дека конечно победиле“, рече Вучиќ.
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, вечерва објави дека студентите на вечервашниот протест во Белград на плоштадот Славија повикале на граѓанска војна.
„Блокаторите не го завршија својот митинг на Видовден со зборовите – Да живее Србија. Завршија со морничав повик за убивање на Србија, монструозен и отворен повик за граѓанска војна. Памти Србијо“, напиша Брнабиќ на социјалната мрежа X.
Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите во центарот на Белград
Српската полиција употреби солзавец вечерва во обид да растера демонстранти во центарот на Белград кои фрлаа кон нив со шишиња, петарди, јави дописникот на МИА од Белград.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ ги осуди нападите врз припадниците на полицијата од страна на учесниците на протестот одржан доцна попладнево на плоштадот Славија.
„Остро ги осудувам бруталните напади од страна на учесниците на непријавениот митинг во Славија врз припадниците на полицијата. Полицијата ќе преземе сите мерки за воспоставување на јавниот ред и мир, ќе ги одбие сите напади и ќе ги примени сите овластувања за одбивање на нападите, како и ќе ги уапси сите оние кои ја нападнаа полицијата“, рече министерот Дачиќ.
Припадници на жандармеријата почнаа со интервенции за растерување непосредно пред 22:00 часот во центарот на Белград против група млади лица кои, по завршувањето на студентскиот протест, фрлаа факели и петарди кон нив. Немирите почнаа неколку минути по завршувањето на собирот, а откако студентското обезбедување го напушти просторот што ги одвојуваше демонстрантите и приврзаниците на власта кои се пред српското Собрание.