Руските безбедносни служби имаа информации за подготовка на немири во Србија, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ во емисијата Хит твит на ТВ Пинк и им се заблагодари што ги споделиле информациите со нивните српски колеги, објави белградска Политика.
– Ова веројатно нема да биде популарно кај оние од Западот, но особено вечерва чувствувам дека е важно да се брани Србија и да им се заблагодарам на руските безбедносни служби кои ги имаа овие информации и ги споделија со нас, изјави Брнабиќ.
Српската премиерка, како што пренесува 360 Степени, додаде дека српските државни власти потоа ја споделиле таа информација со други претставници на меѓународната заедница, кои ја отфрлиле како руска дезинформација.
– Сите останати велеа дека тоа е дистрибуција на лажни вести, изјави Брнабиќ.
Портпаролката на Министерство за надворешни работи на Русија Марија Захарова, коментирајќи ја ситуацијата во Србија по изборите, оцени дека „Западот има голема желба да го спроведе Мајдан во Србија и на Балканот, објави Новости.рс.
– Сите овие наводни собири воопшто не се собири, туку едноставно изнесување на луѓето на улица за постигнување цели кои не се во согласност со демократските процеси и за промовирање на западните интереси со помош на противуставни средства кои се во спротивност со внатрешните закони. Сето ова укажува дека Западот има голема желба да го спроведе Мајдан на Балканот, а до што води тоа најдобро се гледа на примерот на Украина, како модел како не треба да работи ниту народот, ниту државата, изјавила Захарова на брифинг со новинарите, нагласувајќи дека народот на Србија ќе реши сам.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, согласен со оценката на Захарова, посочи дека не знае која би била друга целта освен Мајдан.
– Јас не сум некој што е во најблиски односи со Захаров, што е општо познато. Што всушност сакате? Да извршите притисок некој да ја смени волјата на гласачите, да ги крадете изборите по ваш налог за да дојдете на власт. Народот нема да ве сака, но вие одлучивте затоа што толку се сакате себеси што би ја смениле волјата на гласачите. Како планиравте да го направите тоа, ако не сакате да употребите некаков вид на насилство? Што мислите? Која е поентата? Институциите ќе си ја завршат работата. И само да кажам едно, што и да се обидат нема да има насилна смена на било што. Власта во Србија се менува на избори. Србија е демократска земја и секогаш ќе биде така. Подгответе се, господа, за избори. Четири години не е долг период, ѝ порача Вучиќ на опозицијата, јави Новости.