Србија и Косово се далеку од сеопфатно мирно решение, и покрај подготвеноста да се разговара за можна размена на територии со цел решавање на косовското прашање, рече премиерката на Србија, Ана Брнабиќ за „Фајненшал тајмс”.
Размената на територии, дури и кога би била договорена, нема да биде доволна за мировен договор, предупреди таа.
– Пандорината кутија беше отворена пред точно 10 години, кога земји ја признаа независноста на Косово. Она што ние се обидуваме да го направиме е да ја затвориме кутијата на Пандора. Не може да се каже дека пред 10 години сме биле подготвени да ги смениме границите, а денес да не можеме да зборуваме за менување на границите, изјави Брнабиќ за британскиот весник за време на нејзиниот неодамнешен престој во Оксфорд.
Но, како што вели, тоа е само дел од можното конечно решение.
-Конечното решение, доколку се постигне, ќе треба да биде сеопфатно, ќе мора да ги вклучи човековите и малцинските права, економската соработка, долгорочната соработка меѓу Србите и Албанците, учењето јазик и културното наследство, цркви и манастири, истакна премиерката.
-Лично би сакала извесен договор што е можно побрзо … Но, јас не мислам дека во реалноста сме блиску до договорот, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека лидериите на косовските Албанци прават голема грешка ако мислат дека дијалогот со Белград ќе резултира со официјално признавање на независноста на Косово од страна на Србија.
– Тие мора да се поместат од нивната удобна позиција и да се сретнеме на половина пат каде што ги чекаме. Ајде да направиме компромис, без оглед што компромисот бара, додаде таа.