НАТО е група од 30 суверени, независни земји кои споделуваат заеднички идеали за заштита на своите граѓани, почитување на нивните соседи и обезбедување посигурна, стабилна иднина за цела Европа, рече Кејт Мери Брнз, амбасадорка на САД во Република Македонија.

– Посветеноста на С. Македонија на овие принципи е несомнено силна. А со С. Македонија, сојузот само се засили, порача Брнз, на одбележувањето на Денот на НАТО – 4 Април, настан во организација на  Евроатлантскиот совет на Македонија, а во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот Центар М6 и НАТО Секторот за јавна дипломатија од Брисел.

Како депозитар на НАТО, САД беа првите што и посакаа добредојде на Македонија во Алијансата пред две години.

–  Како рамноправен партнер, горди сме што стоиме обединети со С. Македонија и секој НАТО сојузник во нашата желба „да живееме во мир со сите народи и сите влади“, порача Брнз, во своето видео обраќање.

Сега, кога неоправданата агресија на Русија во Украина ја загрозува регионалната безбедност, вели Брнз, гледаме колку е важно тоа партнерство и за Македонија и за Европа.

– Како вреден и рамноправен партнер, С. Македонија доброволно го сподели товарот за одговор на оваа актуелна закана. Стоејќи рамо до рамо во солидарност со своите соседи и сојузници цврста во својата посветеност на мирот и безбедноста за цела Европа преку дипломатски и воени средства – С. Македонија е пример на духот на овој одбранбен сојуз кој беше создаден пред 73 години, изјави Брнз, во видео обраќање.

НАТО е сојуз на дела и зборови, рече Брнз и додаде дека Македонија продолжува да го почитува своето ветување дека ќе ја исполни обврската за инвестирање во одбраната до 2024 година.

– Министерството за одбрана и Владата на С. Македонија продолжуваат да прават чекори во надградба и модернизирање на војската на земјата преку нова опрема, обука на специјалните сили и зголемена подготвеност меѓу нејзините агенции за одговор на вонредни состојби од невоен карактер, изјави Брнз.

Заменик помошничката на генералната секретарка за јавна дипломатија во НАТО, Кармен Ромеро, порача дека руската агресија врз Украина, ја донесе повторно клучната задача на НАТО, а тоа е заштитата на земјите кои се членки на Алијансата и нивните граѓани.

 

– Во контекстот на оваа нова и неочекувана реалност, би сакала да ја пофалам нашата најнова членка – С. Македонија, за вашата посветеност на НАТО, затоа што бевте навистина извонреден сојузник и клучен елемент за стабилноста на Западен Балкан. Напорот на С. Македонија за унапредување и промовирање на безбедноста, мирот и стабилноста во регионот е навистина одлучен за сојузот, изјави Ромеро во своето видео обраќање.

Одбележувањето на Денот на НАТО, нагласи Ромеро е важно, особено кога се наоѓаме во историска пресвртница, каде имаме сложена борба за нашите вредности и задржување на слободата и демократијата – наспроти автократија, владеење на правото, наспроти користењето на брутална сила.

Претходно на настанот се обратија и премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска.