Спасувачкиот брод „Оушн Викинг“  од водите во централниот дел на Средоземно море извлече 67 мигранти, соопшти денеска невладината организација „СОС Медитеране“ што управува со бродот, јави ДПА.

Дваесетмина од спасените од преполниот дрвен брод биле малолетници без придружба, додава организацијата на Твитер.

Најновото спасување се случува само неколку часа откако групата соопшти дека во истата област спасила 21 лице, од кои четворица биле малолетници без придружба.

Во моментов на бродот има над 130 мигранти, додава ДПА.

Екипажот во последните неколку дена се движеше околу централниот дел на Медитеранот во обид да спаси мигранти кои се тргнати од Северна Африка кон ЕУ, во претежно мали, често пати преполни чамци.

Агенцијата за бегалци на Обединетите нации во Либија синоќа соопшти дека либиската крајбрежна стража собрала повеќе од 120 лица во Средоземното море и ги вратила во Либија.

Четириесет и три мигранти, исто така, од вчера се сметаат за исчезнати по бродска несреќа крај брегот на Тунис.

-Нивниот брод потона во обидот да премине од Либија кон Европа, наведува портпаролот на туниската Црвена полумесечина.