Ова е образложението на Атанасов:
Почитуван Претседател на Владата г-дин Зоран Заев,
Сакам да Ве известам Вас и јавноста дека поднесувам оставка од позиција на заменик министер во Министерството за образование и наука. Ова ви го соопштив уште пред реконструкцијата, но еве сега може и да се процесуира. Едноставно, мојата позиција станува неодржлива и неефективна. Истовремено, давам оставка и на сите дополнителни функции во рамките на Министерството за образование и во Владата која Вие ја предводите!
Во изминатите неполни 10 месеци, со големо задоволство и верба ја прифатив поканата да ја извршувам оваа функција. Влегов во систем кој со години не само што не се менувал, туку и многу назадувал и еродирал. Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно. И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! Пред само една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години. А можевме многу, многу, подобро. Уште пред парламентарните избори составив тим со кој заедно изградивме одлична програма и план, и силно верувавме во политиките кои требаше да ги реализираме. Се чинеше дека успехот е неизбежен. Ем знаевме, ем можевме, уште само требаше да покажеме дека и умееме. Нејсе!
Во овој кус период во МОН работев на повеќе прашања и проблеми и се обидов да се вклучам во што повеќе процеси. Морам да истакнам дека уште од самиот почеток не ми беше дозволено да формирам тим со што ефектите од мојата работа би биле многу поголеми. Првите два месеца заедно со една поголема група изготвивме решение за јазлите во кои беше навлегол Филмскиот институт во Охрид. За жал извештајот и предлог мерките останаа во Кабинетот на министерот. Неколку месеци работев, заедно со неколку креативни луѓе, на дизајнирање на програма за воведување на дигитализација и медиумска писменост во првите нивоа на образование. За жал извештајот и предлог мерките останаа во Вашиот Кабинет. Работев и бев присутен во многу училишта, универзитети, факултети и образовни институции, заради воспоставување на директна комуникација и соработка со наставниците, професорите и вработените во целиот систем на образование. За жал ова искуство и насобраното знаење не можеше да се реализира поради инертноста и спороста на образовните институции. А треба многу работи да се менуваат!
Кај мал дел од вработените во МОН наидов на одлични соработници за неколку прашања и процеси. Луѓе кои се долго во образованието, но ретко добиваат шанса да покажат што знаат и можност да напредуваат. Имав интензивна соработка со структурите и научноистражувачките центри во Брисел, особено со експертска фела. Пред еден месец на моја иницијатива кај нас започна пилот проектот СЕЛФИ, самоевалуациска алатка која многу ќе им помогне на наставниците во нивните планови и програми. За ова во Скопје допатуваа неколку преставници на European Training Foundation – ETF. Станав дел од Управувачкиот одбор за формирање на Меѓународен институт за одржливи технологии во Југоисточна Европа. Во таа мрежна соработка на ниво на регион би можело да се работи и на поголеми проекти. Пред една недела, заедно со неколку претставници на Министерството за образование и Министерството за економија остваривме регионални контакти и разговаравме за интензивирање на изработката на Стратегијата за паметна специјализација. Уште една бриселска алатка за поефикасно планирање на приоритетите на социоекономскиот развој, но и на образовниот процес. Тука ќе застанам, иако имаше многу повеќе.
Главните приоритети во образованието треба да бидат подигнување на квалитетот на сите нивоа во образованието, создавање на поквалитетна понуда за целото општество, не само за економијата, како и вложување во креативните потенцијали на наставниците, но, пред се, на учениците. Но за ова, најпрвин, треба да се промени филозофијата на целото образование. Еден закон, или еден проект не може да ги дадат очекуваните резултати. Пристапот мора да биде холистички, за што повеќе пати елаборирав во многубројните јавни настапи и интервјуа.
Во недостиг на простор и можност за поголеми промени во образованието, најголем дел од моето време во изминатите 10 месеци го посветив на процесот за подготовка на „Националната стратегија за едно општество и интеркултурализам“. „Едно општество“ е мој концепт и визија за иднината на државата, кој беше вклучен во програмата на партијата, а потоа и во програмата на Владата. Заедно со неколку одлични соработници од повеќе институции влеговме во процес на градење на овој концепт за едно општество. Како што јавно говорев и аргументирав, во нашето општество паралелно се одвиваат два процеса поврзани со општествената (дез)интеграција. Едниот процес го форсира национализмот, етноцентризмот и изолацијата, додека другиот процес, концептот што ние го понудивме, во преден план ги става соработката, интеграцијата и заедништвото. Во оваа стратегија голем дел е посветен на образованието, како основа за идните политики и законски решенија, кои во една пристојна временска димензија би поддржале процеси на интеркултурно живеење и комуникација, без разлика на сите наши специфичности и различни припадности. Без суштински и добро осмислени и реализирани промени во образованието, ниту оваа стратегија нема да може да фати корен.
Моја намера и лична желба е да се вратам на академската кариера, затоа што револуцијата што ја покренавме почна да ги јаде сопствените деца. Годинава навршувам 30 години професионална работа и професионални ангажмани во неколку клучни и различни сектори, исполнети со потраги по нови предизвици. За жал, моите очекувања дека преку политичкиот ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија. Се чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува.
До некој следен предизвик!
Проф. д-р Петар Атанасов