Според последните податоци, Македонија досега има 1 847 починати од Ковид 19. Или 920 починати на еден милион жители.
Со тоа, Супермен Филипче и неговото „се е под контрола“, ја доведоа Македонија пред САД на „топ“ црната листа. САД имаат 853 мртви од Ковид 19, иако се со сосема поинаков пристап кон епидемијата од нашиот.
Но, не се само САД тие кои ни гледаат во грбот. Ние избивме и пред Франција, која има 829 мртви на милион жители, а за која македонските медиуми, и тие блиски до власта и тие блиски до опозицијата, секој ден објавуваат како бележи црни рекорди.
Македонија изби на црната листа и пред хаотичниот Бразил, во кој работите од почетокот не беа под контрола. Бразил има 822 мртви на еден милион жители, што нас не прави „шампионио“ и во светски рамки.
Во Европа ја надминавме и Велика Британија која има 880 мртви на еден милион жители.
За земјите како Холандија, Данска, Финска итн не треба ни да зборуваме Нив оддамна ги оставивме зад себе. Но, далеку зад себе ја оставивме и една Шведска која се приближува до 700 мртви на еден милион жители. Колку за потсетување, во Шведска ништо не беше затворено, односно рестрикциите беа сведени на минимум.
Да се вратиме на САД каде постоеше борба помеѓу Трамповата желба економијата да продолжи да функционира и апелите за затворање на државата (на пример, државата Њујорк со демократот Куомо на чело беше затворена, но не и други држави во внатрешноста на САД) и Британија каде Џонсон се обидува во два наврати да ја држи земјата што повеќе отворена, а потоа кога работите станаа сериозни да помине кон рестрикции.
Во секој случај, во Европа, Македонија изби на четврти место по смртност од Ковид 19 на милион жители.
Пред нас се само Белгија со 1 467 мртви на еден милион жители, Италија со 961 починат и Шпанија со 985 починати. Но, доколку се земе в предвид дека ним големите бројки им се случија пролетта, тогаш сосема е јасно што сега се случува кај нас.
За да биде трагедијата поголема, покрај четвртото место во Еврооа, го држиме и петтото место во светот. Имено, кога ќе се погледнат бројките во светот, кон овие три држави во Европа кои се пред нас, може да се додаде само Перу со 1 069 мртви на милион жители, после што нам ни припаѓа високото петто место во светот по број на мртви од Ковид 19.
Како причина за ова не може да се наведе начинот на евиденција на мртвите, со што често се правда Филипче (посмртно земање брис) бидејќи истото се прави и во САД и во многу други држави. Единствен исклучок може да биде Белгија, која на почетокот, пролетта, секој починат во домашни услови, го запишувала како починат од Ковид, сеедно што не секому му е земен брис.
Така што нејзината бројка веројатно е пониска од прикжаната, а повисока би била француката бројка каде неколку месеци не беа вбројувања лицата починати надвор од болниците.