„Ќе поставиме бројчаник на Триумфалната и секогаш кога Агенцијата за запленет имот ќе продаде некој имот, бројчаникот ќе покажува колку украдени пари се вратени“. – Зоран Заев

Познатата популистичка изјава на нашиот Премиер со која ја тераше предизборната кампања за парламентарните избори, а повикувајќи се на криминалите на ВМРО. И еве помина цела година откако се на власт, а бројчаникот за вратените пари го нема и не само што го нема народот секој ден е сведок како власта сама си доделува грантови, тендери, провизии.

Не е доволно што се функционери па мора и да аплицираат со своите компании за државни пари. Веројатно така е тоа, или те бива или не, кој им е крив на другите смртници кои не само што не можат ни да примирисаат од грантччињата кои туку така се делат туку се борат за гола егзистенција.

Вицепремиерот Анѓушев уште има лице да каже дека неговата функција не треба да ги дискриминира неговите фирми поради искривената перцепција на јавноста. Види молим те!? Па ако е толку совесен што не си поднел изјава за скриен кофликт на интереси при поднесувањето на апликација? Каде е моралот и етиката при извршувањето на јавна функција да се воздржиш од лапање на државни пари за сопстевни фирми? Не е тешка дилемата бе Кочо, или си бизнисмен или си функционер…не можеш и двете односно можеш ако притоа не ја користиш фукнцијата за лично богатење користејќи ги погодоностите кои ги дава државата со која што управуваш.

Слично на Кочо и пратеникот Локвенец и независниот новинар Геро се во групата на најиновативни умови за 2018 година.

И додека си делат грантови меѓу себе како Панини сликички, имаме сомнителен тендер во Министерство за Здравство во вредност од 35 милиони евра, на кој единствено подобна е фирма која што е регистрирана пред 3 месеци, чии сопственици се млади луѓе без никакви рефернци или искуство во областа.  Тука е и изградбата на театар во Тетово за кој се предвидени дури 40 милиони евра, цена која ја надминува цената на МНТ за кој што луѓето од сегашната власт милуваа да кажат дека сé тоа се непродуктвни трошоци, дека е преплатен итн. Веројатно од сé она што им е потребно на тетовчани театарот е на прво место, кој нзае можеби на зима токму таму ќе дишат почист воздух.

Да не ја заборавам и набавката на МЕПСО за антишок фотелји од природна телешка кожа, со минимум пет позиции за фиксирање и релаксаторски функции во вредност од 350.000 евра. Набавка која што и те како е потребна за редуцирање на стресот во работењето и зголемување на продуктивноста на директорите, секретарката и вработените во пријавницата на МЕПСО.

Од сите овие афери кои се случија во само една недела можам да заклучам дека на Македонија и те како и е потребен бројчаник, но таков на кој што ќе се бројат парите од сомнителните зделки на власта.

М-р Мартина Антиќ