Годинашнава претставничка на Евровизија, пејачката Тамара Тодевска, синоќа ја утнала македонската химна и како што пишуваат повеќе медиуми испеала своја верзија на државната химна на приемот во американската амбасада во Скопје по повод 4 Јули, Денот на независноста на САД.
Тодевска додала четири свои стихови, а испуштила да испее четири стихови од официјалната државна химна на Македонија.
Таа синоќа го испуштила делот со „Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!“ по „Одново сега знамето се вее, на Крушевската република!“, а во нејзината изведба го немаше ниту делот „Горите Македонски шумно пеат, нови песни, нови весници!“, пред „Македонија слободна, слободно живее!“.
Наместо тоа, Тодевска испеа „Старо младо машко и женско, на нозе се кренало!“ и „Не плачи Македонијо мајко мила, Крени глава гордо високо“, стихови од стари верзии на химната.
Ниту пејачката Тодевска, ниту Американската амбасада денеска немаа коментар за пропустот со химната.
Организацијата на македонски иселеници со седиште во Вашингтон „Обединета македонска дијаспора“ побара извинување и итно објаснување од Амбасадата на САД во Скопје за погрешната химна. Велат дека за грешката ги известиле Стејт департментот на САД, Комитетот за надворешни работи на Сенатот, Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот Дом и Конгресната група за Македонија и македонско-американската заедница.