Ако ни биде поставен услов да признаеме дека Гоце Делчев е Бугарин во замена за членство во Европската Унија, тогаш не мора никогаш да станеме членка на ЕУ, вели бившиот специјален владин преговарач со Бугарија, Владо Бучковски.
– Нема да влеземе во ЕУ ако мораме да признаеме дека Гоце Делчев е Бугарин, истакна поранешниот специјален преговарач на Македонија со Бугарија,вели Бучковски.
Тој ова го изјавува во интервју за бугарскиот медиум Нова, одговарајќи на прашањето што ќе се случи доколку Софија инсистира Скопје да признае дека револуционерот е Бугарин како услов за членство на земјата во ЕУ.
– Имам голема почит кон Гоце Делчев поради начинот на кој растевме ние Македонците – со митот, легендата за големиот апологет. Но, од друга страна, Гоце се борел за слобода не само во Македонија, туку и во Едрене. Тој е големиот револуционер, кој мислам дека е фигурата што ја прикажува нашата заедничка историја. Па ако ни биде поставен услов да признаеме дека Делчев е Бугарин во замена за членство во Европската Унија, тогаш не мора никогаш да станеме членка на ЕУ. Мислам дека тоа не е патот кој нѐ води кон целта, вели Бучковски.
Тој додека беше активен преговарач често пати ја иритираше македонската јавноста со изјави кои „тераа вода на бугарска воденица“.
Бучковски вели дека Гоце Делчев би се срамел ако види на кои теми се расправаат Македонците и Бугарите.
– Би се срамел и мислам дека и сега се превртува во гробот, поради неговите идеали, поради неговите идеи. Денес тој би бил еден од најголемите космополити. Во време кога двете влади демонстрираат волја со нова методологија да зборуваат не само за историјата, туку повеќе да зборуваат за иднината, мислам дека опозицијата во нашиот парламент прави нешто што не треба да се прави во овој момент – истакна Бучковски, алудирајќи на неодамнешната парламентарна седница на која дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се појавија облечени во маици на коишто беше испечатен ликот на Гоце Делчев.