Поранешниот премиер и министер за одбрана Владо Бучковски од почетокот на годинава стана сопственик на трговска фирма која се занимава со продажба на пијалаци, објави Фактор.

Станува збор за фирмата Хербос од Скопје која е регистрирана на почетокот од 2025 од бизнисменот Ристо Коруноски. Управител на фирмата е Елисавета Коваческа Коруноска а е регистрирана со дејност трговија на големо со пијалаци.

Информацијата ја потврдил и самиот Бучковски, наведувајќи дека деловното ангажирање ќе опфати трговија, посредување и консалтинг. Тој не открил дополнителни детали, посочувајќи дека за јавноста ќе има време за подетални објаснувања, објави порталот Скопје1.

Бучковски  во последните години на владеење на СДСМ и екс премиерите Зоран Заев и Димитар Ковачевски беше ангажиран и како специјален пратеник за односите меѓу Македонија и Бугарија.

Тој е поранешен лидер на СДСМ и професор по Римско право на Правниот факултет во Скопје.

Фото: Архива