Специјалниот претставник на македонската влада и на премиерот Зоран Заев за Бугарија, Владо Бучковски, од денеска престојува во Софија.
Бучкоски во изјава за бугарската агенција БГНЕС рече дека доаѓа во оваа земја со добра волја и како голем пријател.
– За време на престојот ќе имам состаноци со премиерот Бојко Борисов, вицепремиерот и министер за надворешни работи Екатерина Захариева и министерот за одбрана Красимир Каракачанов. Доаѓам на покана на бугарската Влада. Доаѓам како ваш голем пријател и со добра волја, истакна Бучковски.
Македонската Влада го назначи поранешниот премиер, министер за одбранара, и екслидер на СДСМ, Бучковски за специјален претставник и олеснувач на спорот меѓу Македонија и Бугарија.
По повод денешното заминување на Бучкоски во Софија на социјалните мрежи денеска имаше објава во која се вели дека „на денешен ден пред 12 години Владо Бучковски бил осуден на три и пол години затвор за случајот „делови за тенкови“.
Како што е познато, Бучковски не одлежа ниту еден ден в затвор, а казната се однесуваше за периодот додека беше министер за одбрана и за делови за тенкови кои беа добиени подарок од Бугарија, кои пак завршија како старо железо во Македонија.
Најпрво Бугарија како кандидатка за влез во НАТО мораше да се ослободи од старите тенкови, а потоа истото мораше да го направи и Македонија.