Специјалниот пратеник на премиерот во заминување Зоран Заев, Владо Бучковски, во интервју за софиски „Дневник“, потврди дека со Бугарија дефинитивно имаме заедничка, а не споделена историја.
Тој вели дека македонската страна сака преговорите да ги заврши за еден месец. Бучковски најавува дека во Македонија ќе се сменат учебниците по историја, по географија, па дури и по литература, само за да се добие датум за преговори со ЕУ.
Во врска со самоопределувањето на македонските граѓани кои се чувствуваат како Бугари, Бучковски вели дека треба да се искористат сите инструменти и можности, но најлесно би било ако се дојде до промена во Уставот на Македонија и во Преамбулата да се даде дополнителна гаранција, пренесе Плусинфо.
Сепак, Бучковски најмногу инсистира на работата на комисијата за историски прашања, која има обврски да предложи решенија за хармонизација на учебниците по историја, географија и литература.
-Тоа е многу важно за идните поколенија, вели тој.
Во врска со обвинувањата на бугарската страна за говор на омраза во Македонија, Бучковски вели:
-Не можеме да ги спречиме универзитетите или академиците, кои говорат од свое име, да прават штети. Во Македонија се бориме со тие провокации. Тоа ќе биде една од најделикатните задачи. Ќе треба да сме поупорни, зашто во говорот на омраза има сериозен список, што треба да прават едната и другата страна, повеќе македонската страна. Тоа е точката каде или ќе дојдеме до зголемување на довербата или повторно ќе имаме успеси и падови.
Бучковски ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека покажува нервоза за ова прашање.
-Ако ВМРО-ДПМНЕ е нервозна и обвинува за предавство, да знаете дека работите се движат и може да има договор, вели Бучковски.