Третата светска војна веќе е во тек, бидејќи руско-украинската војна ги инволвира повеќето развиени земји во светот, изјави денеска шефот на Украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов, пренесе Укринформ.

-Ова е филозофско прашање. Зависи како гледате на тоа. За мене е (Трета светска војна), во неа се вклучени апсолутното мнозинство најсилни и најразвиени земји во светот, тоа е само факт, рече Буданов на прашањето дали војната во Украина може да се смета за Трета светска војна.

За Буданов само победите се потребни за да може да му помогне на украинското општество да го покрене моралот.

-Одговорот можеби е малку непријатен, но овој одговор постои илјадници години. Уморното општество оживува и се буди само кога има победи. Кога нема победи, што и да направите нема да помогне. Затоа, потребни се победи, дипломатски, воени, социјални, политички, но – победи, рече Буданов.

Украинскиот портал наведува дека претходно поранешниот врховен командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, исто така, рекол дека војната може да се смета за Трета светска војна, особено откако Северна Кореја „директно влегоа во војната како сојузници на Русија“.

фото:МИА архива