Бугарија го има првиот пилот за американските авиони-ловци Ф-16 што ќе бидат испратени во земјата. Како што јави дописникот на МИА од Софија, капетанот Александар Велинов успешно ја заврши обуката во Националната военовоздухопловна гарда Морис во Аризона, САД.
Таму се обучени уште четворица бугарски пилоти.
Велинов во интервју за БНР истакна дека ова е многу добра шанса неговите колеги да можат да летаат со сосема нов авион-ловец, за разлика од сегашните МиГ-29, кои се стари над 30 години.
– Се радувам што новата техника доаѓа во овој момент, кога јас ќе можам да управувам со новите авиони подолг период, изјави бугарскиот пилот на Ф-16.
Бугарија ќе ја добие првата серија од осум американски борбени авиони Ф-16 во 2025 година, што доцни една година поради Ковид-19. Во моментов се водат преговори меѓу Бугарија и производителот на Ф-16 за набавка на втора серија од осум авиони, со кои Софија до 2030 година ќе има вкупно 16 нови авиони-ловци Ф-16, што ќе бидат цела ескадрила.