Да бидеме одговорни за иднината на Бугарија и заедно да ги чуваме демократските вредности, објави на социјални мрежи бугарското Министерство за надворешни работи по повод националниот празник на државата.
„Денес со гордост можеме да изјавиме дека како полноправна членка на Европската Унија и НАТО, Бугарија го зазема своето заслужено место на меѓународната сцена и ги брани основните принципи на слободата, правдата и мирот“, додаваат од МНР на Бугарија.
Оттаму повикаа „да се чува споменот на хероите и на лекциите од историјата“.
Трети март е прогласен за национален празник со Уредба на Државниот совет од 27 февруари 1990 година, а со Одлука на Народното собрание од 5 март 1990 година, јави БТА.
За првпат, Денот на ослободувањето на Бугарија е прославен на 19 февруари 1880 година.
Со декрет од 31 декември 1887 година, 19 февруари почнал да се слави како ден на „Ослободувањето на Бугарија“
По воведувањето на Грегоријанскиот календар во Бугарија во 1916 година, празникот за првпат бил прославен во нов стил на 3 март 1917 година и бил прославуван како официјален празник до октомври 1951 година, кога бил укинат со Кодекс на трудот. Прославата била обновена во 1987 година, а до 1989 година тој ден се празнувал како официјален празник со одлука на Јулскиот пленум од 1987 година на Централниот комитет на Бугарската комунистичка партија и Советот на министри, јави БТА.