Доколку над 10 отсто од учениците се заразат со коронавирус, тогаш ќе се премине на онлајн настава, соопшти денеска бугарскиот министер за образование и наука Николај Денков.
– Учениците од прво до четврто одделение и децата во градинките, ако сме во „зелената зона“, односно помалку од 100 заболени на 100 илјади луѓе, може да бидат без маски со одлука на педагошкиот совет. Меѓутоа, ако сме во „жолта“, „портокалова“ и „црвена“ зона – тогаш децата од прво до четврто одделение ќе мора да носат маски. Вакцинираните возрасни лица исто така ќе носат маски во училишната и предучилишната мрежа, рече Денков.
Може да се одржуваат групни часови, но само во „црвената зона“ и само онаму каде што децата биле заедно порано. Децата од различни одделенија не можат да се групираат заедно, на пример деца од четврто и петто одделение. Но, децата од различни одделенија од иста генерација ќе можат да се соберат во група без да се прекинува наставата, појасни бугарскиот министер.
Децата од прво до четврто одделение ќе бидат во училиште колку што е можно повеќе, освен ако се достигне темноцрвената зона на инфекција. За постарите ученици, ќе започне ротација. – Мора да се стремиме за 50 отсто посетеност на учениците во училницата, рече привремениот министер за образование на Бугарија.