Бугарија ќе купи од француската вакцина против Ковид-19 на производителот „Санофи“ со едно инјектирање, одлучи новата техничка влада на Бугарија на својот прв состанок.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарската Влада одлучи да одобри набавка на 10.000 дози од новата вакцина против Ковид-19, произведена од „Sanofi Pasteur SA и Glaxosmithkline Biologicals SA“.
Предложената вакцина е антиген вакцина што се инјектира во една доза, а која не се очекува да се користи во оваа фаза од првичната имунизација, туку само кај оние кои имале или биле вакцинирани со друга пандемична вакцина против Ковид-19. Новата вакцина што ќе ја купат бугарските здравствени власти е алтернативна опција за вакцинација кај луѓето со контраиндикации за други видови вакцини.
Вакцината може да се чува на температура помеѓу + 2 и + 8 степени Целзиусови. Испораката на новата вакцина може да се очекува во првата половина на 2022 година.
Со учество на Бугарија во договорот, ќе се обезбеди широко портфолио на вакцини против коронавирусот.