Македонија до 2050 година ќе загуби речиси 11 отсто од сегашниот број жители, доколку продолжи актуелниот тренд на намалување на населението, објави порталот Visual Capitalist, повикувајќи се на податоци од Обединетите нации и Светска банка, пренесува Нетпрес.
Според проекциите до 2050 година, населението во земјава, чиј број и онака е во опаѓање, како што покажа последниот попис, ќе се намали за дополнителни 10,9 отсто, односно во Македонија ќе живеат близу 200.000 луѓе помалку од денес. Македонија е 18-та на листата од 20 земји со најголем проектиран пад на населението во следните децении.
На врвот на оваа листа е Бугарија, чие население се очекува да се намали за 22,5 отсто во следните 28 години и да достигне 5,4 милиони луѓе (пад од 60% од 9 милиони во 1987 г.). Зад неа се Литванија, Летонија, Украина и Србија.
Забележително е што меѓу 20-те земји за кои ОН очекуваат населението најмногу да се намали до 2050 година, се наоѓаат сите земји од регионот Западен Балкан, како и дека повеќето земји на листата се од Европа (исклучок се само Јапонија и Куба).
Резултатите од пописот одржан лани есента покажаа дека Македонија загубила преку 185.000 жители во споредба со претходниот попис, одржан 2002 година.