Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија ги усвои препораките до двете влади за периодот на антиката за учебниците од петто одделение во бугарскиот образовен систем и за шесто во македонскиот образовен систем.
Претседавачот на Македонија во Комисијата, Драги Ѓоргиев по завршувањето на дводневниот состанок, рече дека вчера биле усвоени забелешките што едната страна ги има кон другата и обратно за овој период од историјата и тие ќе бидат доставени до двете влади кои понатаму треба да постапат согласно процедурите.
Во текот на вчерашниот ден биле разгледани учебниците од истите одделенија кои се однесуваат на средновековниот период. Биле разгледани забелешките, што претходно ги размениле експертите од двете земји и констатирани се местата околу кои можат да се направат препораки.
-Заклучокот беше дека во наредните два месеца ќе биде разменета првата драфт верзија за средновековниот период и се надеваме дека на следната средба во септември ќе успееме да ги усвоиме препораките и за средниот век, рече Ѓоргиев.
За праисторијата, антиката и средниот век немало некои поголеми разидувања меѓу двете страни. За антиката бугарската страна имала забелешка на пример за тоа дека во македонските учебници е напишано оти апостолот Павле формирал македонска црква, додека македонските забелешки биле дека под терминот бугарски земји се посочува и македонската, која е надвор од рамките на бугарската средновековна држава.
Инаку, во текот на денешниот ден, членовите на Комисијата расправаа за заедничкото чествување на Гоце Делчев. Ѓоргиев и бугарскиот претседавач на Комисијата Ангел Димитров како исцрпувачка, но конструктивна ја оценија денешната расправа.
Ѓоргиев и Димитров напоменаа дека за одредени работи експертите од двете земји постигнале согласност во однос на личноста и делото на Гоце Делчев, но за одредени, нивните мислења се спротивставувале.
Нагласија оти оваа тема ќе биде предмет на дискусија и на следната средба на Комисијата што ќе се одржи во септември, а Димитров изрази увереност дека доколку се продолжи со овој конструктивен пристап на состаноците на коишто се почитуваат фактите и си има правилен пристап кон историјата, со сигурност ќе се најде заеднички јазик за заедничко чествување на Гоце Делчев.
-Уверен сум дека има простор и основа да најдеме разбирање ако се однесуваме сериозно кон историските факти и документација, со почитување на позицијата на другиот. На тој начин ќе стигнеме до она што во моментов на некои им изгледа далечно, рече Димитров.
Ѓоргиев не сакаше да изнесува повеќе детали околу тоа на кои позиции двете земји се приближиле во однос на Гоце Делчев, а за кои имаат спротивставени ставови.
-Не би навлегувал точно сега да кажувам со кои проблеми се судираме или кои се моментите околу кои се согласуваме. Тоа е процес, кој трае и ќе продолжи. Во моментот кога ќе постигнеме договор ќе можеме да кажеме кои се тие места и проблеми за кои не се согласуваме или се согласуваме, додаде тој.
Комисијата, како што посочи Димитров, навршува една година откако почна со работа, а до крајот на годината се планирани уште две или три средби со цел да се заокружи процесот со учебниците кои ги опфаќаат периодите на праисторијата, антиката и средниот век.
Додава дека со наближување на модерната епоха работите ќе станат посложени и потешки, но додаде дека доколку се задржи пристапот на професионално и одговорно однесување, членовите на Комисијата ќе ги убедат не само владите, туку и граѓаните на двете земји дека тие помагаат за нивно зближување и чекорење напред во иста насока.