Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков вечерва изјави дека Бугарија ги замрзнува преговорите со ЕУ за евроинтеграција на Македонија.
„Македонија во овој случај, за да продолжи по својот европски пат, мора да ги почитува преземените обврски во рамките на европскиот предлог. Нема потреба Бугарија да прави ништо, туку да обезбеди почитување на обврските што Македонија ги презеде. Во самиот предлог нема рокови, тие може да не ги исполнат обврските со децении, што значи дека нема да почнат преговори“, вели Милков за бугарските медиуми .
Тој изјави и дека на неопределено го повлекува бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов од Скопје, поради, според Милков „вознемирувачката состојба во однос на правата на Бугарите таму и ескалацијата на злосторствата и настаните од омраза во последните месеци.“
Бугарија ќе го врати Ангелов во Скопје само кога ќе види вистински напредок во борбата на нашиот сосед против говорот на омраза и кога ќе бидат уапсени и извршителите на нападите врз бугарските клубови и Христијан Пендиков, изјави на министерот за надворешни работи Николај Милков за новинарите. „Ова е знак на цврст став дека ова не може да продолжи“, објасни министерот , пренесуваат бугарските медиуми.
Истовремено, Бугарија ги замрзнува и сите меѓудржавни проекти со Македонија се додека не добие докази дека официјално Скопје ги почитува правата на тамошните Бугари. Истовремено, бугарскиот амбасадор во нашата земја Ангел Ангелов ќе биде вратен во Софија и ќе остане таму се додека, според проценката на бугарските власти, не се случи вистинска промена во нашата држава.
Според министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, кој денеска зборуваше на седницата на комисијата за надворешна политика во бугарскиот парламент, би било „цинично да се зборува за проекти со Република … Македонија, додека Христијан Пендиков лежи во болница“.
Милков секако не ја пропушти ниту можноста повторно да се закани со вето на македонскиот евроинтегративен пат, доколку нашата држава продолжи да се однесува како и досега.
Тој потсети и дека Бугарија апсолутно не мора ништо да прави во овој момент освен да чека дали Македонија ќе ги спроведе обврските кои самата ги презела, доколку сака да продолжи по европскиот пат, алудирајќи на промената на Уставот за внесување на Бугарите во македонскиот устав.