По номинирањето на поранешната бугарска вицепремиерка и министерка за надворешни работи, за правда и за регионален развој Екатерина Захариева за комесарка за стартапи, истражување и иновации во новата Европска комисија, во јавноста испливаа неколку контроверзии и скандали од нејзиното минато, што може да ја соочат со тешко сослушување во Европарламентот.
Еден од тие „скелети во плакарот“ на Захариева е корупцискиот скандал од 2018 година поврзан со доделувањето бугарски пасоши на странски државјани во замена за мито од 5.000 евра. Во тоа време Захариева беше министерка за правда во Владата на поранешниот премиер Бојко Борисов.
Скандалот главно се врзуваше со националистичкото ВМРО-Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), кое во тој период беше коалициски партнер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на Борисов и Захариева, но целиот случај се уште нема судска разрешница.
Втор „грев“ што и се припишува на Захариева се наводните бизнис врски на членови на нејзиното семејство со македонскиот бизнисмен Орце Камчев, кого таа во 2019 година, кога беше шефица на бугарската дипломатија, го предложи за почесен конзул на Бугарија во земјава, со што тој би добил и дипломатски имунитет од судско гонење.
Но, поради скандалите поврзани со Камчев, кој во 2023 година беше ставен и на американската „црна листа“ за вмешаност во корупција, тој на крајот не стана бугарски почесен конзул.
Во 2021 година, лидерот на партијата Македонски концепт, Петар Богоевски, обвини дека Камчев платил осум милиони евра за да обезбеди заштита од судско гонење со помош на бугарските власти, преку шема со која се поврзуваше и името на сопругот на Захариева.
Бугарскиот истражувачкиот новинар Николај Стајков од невладината организација „Фонд за борба против корупцијата“ во изјава за бриселскиот портал „Еурактив“ тврди и дека врз основа на објавените мејлови на потпретседателот на рускиот Парламент, Александар Бабаков, може да се заклучи дека Захариева и „помогнала на Русија да се здобие со стратешка инфраструктура“.
Станува збор за гасоводот „Турски поток“, изграден во периодот од 2019 до 2021 година во време кога Борисов беше бугарски премиер, преку кој руски гас се пренесуваше до и преку Бугарија. Откако Владата на Кирил Петков го одби барањето на Москва за плаќање на рускиот гас во рубљи, Русија ја запре испораката на енергенсот за Бугарија, но низ гасоводот продолжи дистрибуцијата на гас за Србија, Унгарија и Австрија.
„Еуроактив“ се обидел да добие одговори од Захариева во однос на обвинувањата за нејзина поврзаност со корупцискиот скандал за доделувањето државјанства на странци, за бизнис врските со Камчев и за нејзината улога во изградбата на „Турски поток“, но бугарската кандидатка за еврокомесарка не одговорила на прашањата.
Инаку, Захариева во македонската јавност е позната и по нејзините тврдокорни ставови поврзани со земјава.
Фото: МИА архива