Бугарија спроведува скандалозна пропаганда во селото Пустец во Република Албанија каде што живеат само Македонци. Откако неодамна имаше обид за отворање бугарски клуб од таканаречената бугарска фондација „Фондација Македонија“ на Виктор Стојанов, деновиве во Пустец таа пропаганда значително се засилува.
Имено, во државна амбуланта во Пустец, каде што повторуваме живеат само Македонци, ставени се бугарски знамиња на прегледи од страна на бугарски доктори. Бугарската фондација „Бугарска памет“ во најавата за овие прегледи скандалозно тврди дека овој регион е населен и со жители со бугарски корени, сметајќи на Македонците од Пустец.
– Денес започнува третото по ред издание на бесплатни превентивни медицински прегледи за жителите на регионот Мала Преспа во Албанија – регион населен и со жители со бугарски корени, објавено е на страната на фондацијата „Бугарска памет“, каде се објавени и фотографии од докторите кои прегледуваат Македонци, а на кои можат да се забележат само бугарски знамиња.
Според албанските закони, сите јавни институции се должни да го истакнуваат националното знаме во своите внатрешни и надворешни средини. Во овие институции е забрането кревање или истакнување на странски знамиња, освен во случаи на приеми или протоколарни церемонии и други свечености, предвидени со закон, но секогаш придружени со националното знаме.
Бугарија ја продолжува асимилаторската политика меѓу припадниците на македонското малцинство во соседните земји. Сега, во центарот на асимилаторската кампања е инсталирањето бугарски клубови, кои ќе бидат логистика преку која ќе се спроведува хегемонистичката пропаганда.
Во тој контекст, особено силна бугарска агитација е забележлива во последните неколку години меѓу македонското малцинство во соседна Албанија, каде што преку отворање бугарски клубови се сака да се создаде поширока перцепција дека таму живее бугарско малцинство наместо македонско.
Ваквите постапки на Бугарија во Пустец е исклучиво со цел да се провоцира Македонија. Македонските претставници во Пустец и Албанија веќе веќе подолг период „искажуваат загриженост од напорите на Бугарија за асимилација на Македонците, не само во Мала Преспа, туку и во Гора и Голо Брдо“.
Неодамна со свој став околу постоењето на наводно бугарско малцинство во Преспа излезе и албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши, кој при престојот во Пустец јасно кажа дека без разлика на одредени странски влијанија, во Преспа живеат Македонци!
– Во Преспа живеат Македонци, со македонски јазик, идентитет, култура, традиции. Без разлика на некои странски влијанија за нас тука живеат Македонци. Тие се една заедница што е додадена вредност во мозаикот на културните, историските, етнографските и јазичните вредности на нашите простори – рече Пелеши.
Со последните случувања во Пустец на уште еден начин се потврди дека намерата на официјална Софија е да провоцира и да чека некаква реакција од македонска страна, за да може потоа да ја обвинува Македонија за непријателство.