На утрешниот голем празник на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“, во село Пустец во Република Албанија каде што живеат само Македонци ќе биде отворен бугарски клуб.
Ваквата информација преку социјалните мрежи ја објави претседателот на така наречената бугарска фондација „Фондација Македонија“ Виктор Стојанов.
-Пристигнавме во нашето село во Албанија. Пустец. Во среда на најголемиот бугарски празник тука ќе има бугарски собир, пишува Стојанов во својата објава на Фејсбук.
Ова не претставува ништо друго, освен провокација и обид за асимилација на македонското малцинство во Албанија велат мештаните, а ваквите активности се засилиле токму по потпишувањето на договорот за добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија од 2017 година.
Мештаните тврдат дека на терен засилено се работи и пропагира бугарска идеологија и наголемо се издаваат пасоши на Македонците во Албанија.
-Тоа не е никава тајна, после потпишувањето на договорот за добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија од 2017 година, бугарските активности во Албанија, а особено во Мала Преспа се засилија. Невработеноста и условите за живот ги тераат младите излезот да го бараат надвор од Албанија, а најлесен иззбор во моментов е бугарскиот посош со кој можат да патуваат и работаат низ Европа. На сите им е јасно, а особено и на оние кои го пропагираат ова дека во Албанија нема Бугари и дека единствениот интерес на сите жители од економски причини е токму пасошот кој им отвора можности на младите да се иселат и да работат во некои од странските земји, велат мештаните.
Инаку, договорот кој го потпишаат Македонија и Бугарија требаше да ги реши отворените прашања помеѓу двете земји, но истиот не само што не ги реши туку и ги продлабочи, притоа зголемувајќи ги бугарските барања кон Македонија, и стана главна пречка на патот на нашата земја кон ЕУ.
Градоначалникот на Пустец Пали Колефски, за ТВ Канал 5 вели дека општината не добила никакво барање ниту пак каков било документ за отворање на бугарскиот културен центар. Најави реакција на државата.
-Нема никаква информација за таков Културен центар. Државата ќе реагира. Мислам дека нема никаков документ за такво отворање. Нема ни барање, никаков документ немаат доставено, изјави – Пали Колефски – Градоначалник на Општина Пустец.
Во изминатиот период претставници на македонските здруженија во Албанија реагираа дека Софија преку регистрирање на здруженија врши тивка асимилација на македонците во регионот на Пустец. Градоначалникот Колефски вели дека сепак жителите знаат кои се и од каде потекнуваат додека неколкумина спроведуваат надворешни агенди.
-Мислам дека медиумите им даваат внимание на овие работи, луѓето си ја знаат работата, знаат од каде се, од каде потекнуваат и какви се. Значи има неколкумина што се занимаваат со оваа работа другите си ја гледаат работата, вели – Пали Колефски – Градоначалник на Општина Пустец.
Позади бугарскиот културен центар во Пустец стои бугарската т.н Фондација Македонија која на својот фејсбук профил сподели покана за настанот на кој пишува и дека ќе има обраќања од официјални гости.
Објавија и фотографија од просториите на центарот на кои помеѓу останатите, се гледа и портрет на Гоце Делчев.