Најтрофејниот фудбалски клуб Вардар е завршена приказна за бугарската организација Фондација Македонија, но сепак ќе влезе во македонскиот фудбал.
Порталот А1он дознава дека за неколку дена ќе биде постигнат договор со еден фудбалски клуб од Втората или Третата македонска лига, а парите кои требаше да ги добие Вардар ќе бидат вложени во еден од клубовите со кои се преговара во моментов.
Првиот човек на фондацијата, Виктор Стојанов открива за А1он зошто бугарските инвеститори сакаат да вложат во македонскиот фудбал.
– ФК Вардар е завршена приказна за нас. Сега водиме разговори со неколку тимови од Втората македонска лига и еден од Третата лига. Не сакам да ги соопштам имињата пред да постигнеме договор со еден од нив, а тоа ќе се случи следната недела. Тогаш ќе објавиме со кој тим сме се договориле и започнуваме да работиме веднаш со него. Наша цел е да имаме тим во Првата лига и да се натпреварува со најдобрите. Фондација Македонија според сегашните можности може да вложи 120.000 евра сезонски буџет ако договориме клуб од Втората лига и минимум 15.000 евра сезонски буџет ако земеме клуб од Третата лига, вели Стојанов за А1он.
Бугарската организација тврди дека нема политичка позадина во нивните намери да вложат во спортот и сметаат дека е нормално да има инвеститори од Бугарија кај нас какви што има и во бугарскиот спорт, а доаѓаат од Србија, Турција и Македонија.
– Нема политичка позадина. Тоа е спорт и култура, сакаме од Бугарија да има инвеститори во македонскиот спорт како што има инвеститори во бугарскиот спорт од Турција, Македонија и Србија. Тоа ќе помогне за спортот и за нашите односи. Луѓето ќе се дружат и ќе се зближат кога има такви настани. Така ќе се забавуваат, а се друго е политика. Политика беше и тоа што бев искористен од ФК Вардар за да покажат патриотизам и да продадат што повеќе карти. Тоа не нашата поента, ние само сакаме да се зближиме како Македонци и Бугари – додаде Стојанов за „А1он“.
Целиот текст може да го прочитате во А1ОН.