Во коментар за познатото бугарско печатено и електронско издание „Клуб З“, Капка Тодорова пишува дека и најекстремните националисти во Бугарија можат да негираат дека добрите односи со Македонија се од интерес за Бугарија, а тие, според неа, можат да бидат добри само во политичка и економска заедница каква што е Европската унија.
За Бугарија, брзиот влез на Македонија во ЕУ е од огромно значење и ќе донесе само придобивки.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според авторот на коментарот, за жал во последните години македонското прашање е предадено на псевдонационалисти во Бугарија, кои го уништија добриот тон со Скопје и уништија голем дел од постигнатото во односите на Софија со Македонците. А тажното е, вели, што причината за овој неуспех е далеку од некоја меланхолична идеја за заедничка историја, јазик, глупаво тврдење за бугарска надмоќ и слично.
Македонската карта беше одиграна со единствена цел малите националистички формации во Бугарија да придобијат гласачи и да учествуваат во власта по парламентарните избори на 4 април и на следните две гласања. И нивното учество во власта беше искеширано на најнечесен начин, потсетува авторката на аферата со продажбата на пасоши.
Според неа, новата Влада во Бугарија се соочува со голем предизвик да ги врати добрите односи со Македонија, но тоа ќе биде тешко не само поради ескалацијата на национализмот во земјата, туку и поради испровоцираниот одговор на тоа од Македонија.
-Обичните граѓани на Бугарија и С. Македонија се жртви на некој копнеж за големо минато од националистите од двете страни на границата, вели таа.
Капка Тодорова е децидна дека нема потреба да се набројуваат придобивките за Македонија од чисто економски аспект доколку што поскоро стане членка на европската заедница. Таа ги нагласи и економските придобивки за Бугарија, кои исто така ќе бидат големи – пазарот ќе биде покомпактен, помали бариери за слободната трговија и инвестиции , а просперитетот ќе се зголемува. Всушност, додава таа, во интерес на Бугарија е сите земји меѓу Бугарија и Западот да бидат членки на ЕУ и да го затворат вакуумот од кој продолжуваат да извираат демоните од минатото, носејќи само војна, расправии и сиромаштија на Балканот.
Но, политички, крајно итно е, вели „Бугарија да направи се за да ги забрза преговорите за членство на Македонија во ЕУ, во спротивно и таа, како и Србија, ќе потоне во прегратките на Русија и ќе стане бариера меѓу нас и Западот“.
Според неа, директен доказ за тоа е прес-конференцијата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред неколку дена, на која тој посвети посебно внимание на балканските држави и инсистираше дека руското влијание на Западен Балкан не треба да ослабне.