Бугарскиот претседател Румен Радев ја одликуваше Флоренс Робин, амбасадорката на Франција во Бугарија, со орденот Мадарски коњаник од прв ред.

Државната награда е за нејзините големи заслуги за зајакнување и развој на бугарско-француските односи, соопшти кабинетот на Радев.

Радев „се заблагодари на исклучително активната и плодна активност на Флоренс Робин за време на француското претседателство со Советот на Европската Унија во првата половина од годинава, кога се придонесе за разјаснување на бугарската позиција во односите со Македонија.

– Интензивното француско-бугарско партнерство, засновано на длабоки историски корени и доверба, е резултат на доследните напори на генерации дипломати, политичари, претприемачи, архитекти, научници, наставници, уметници, граѓани на двете земји, рече Радев.

Бугарскиот претседател се заблагодарил на тоа што „Франција ја сфатила Бугарија, за разлика од други партнери во ЕУ“:

– Згора на тоа, таа отворено ги сподели и ги бранеше своите позиции во време кога не сите наши европски партнери и експерти од Брисел ја сфатија длабочината на овие проблеми и не успеаја да навлезат во целата сложеност на загатката на политичките односи овде, рекол Радев за доделувањето на признанието.

Робин изразила благодарност до бугарското Министерство за надворешни работи, нагласувајќи дека дијалогот меѓу нив отсекогаш бил лесен и искрен.

– Мислам и на работата што ја направивме заедно за време на француското претседателство, особено во однос на прашањето за С. Македонија, рекла Робин.

За поголем дел од Македонците, македонската јавност и политичките партии во Македонија, францускиот предлог за надминување на условувањата на Бугарија за членство на Македонија во ЕУ, и прифаќањето од македонската власт на овој предлог, претставува капитулација на македонскиот национални интереси. Тоа го покажаа анкети во врска со овој проблем, како и револтот и протестите пред неколку месеци, кога илјадници Македонци протестираа во Скопје.