Му честитам на македонскиот претседател, г-дин Пендаровски! За првпат од 1944 година ја слушаме од Скопје вистината за Гоце Делчев, порача преку Фејбук бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за изјавата на Стево Пендаровски дека „Гоце Делчев бил Бугарин“.
Европратеникот Ковачев го објави следниов статус на Фејсбук:
„Му честитам на македонскиот претседател, г-дин Пендаровски! За првпат од 1944 година ја слушаме од Скопје вистината за Гоце Делчев! Да, тој се прогласи за етнички Бугарин, без толкувања! Вистина е, исто така, дека тој се борел за автономна Македонија во рамките на Отоманската Империја. Многу подоцна, македонските Бугари Тодор Александров и Иван Михајлов поставуваат за цел на ВМРО независна Македонија, ослободена од српската окупација! Модерните Бугари и модерните Македонци се наследници на овие големи Бугари! Оваа вистина треба да биде потврдена и од билатералната комисија, како го бара договорот за пријателство и добрососедство и да биде ставено во наставниот план на двете страни! Сите преродбеници и револуционери, како Григор Прличев, Браќа Миладиновци, Рајко Жинзифов, Дамјан Груев, Борис Сарафов, Васил Чакаларов и многу други од дејци на ВМРО, исто така, се декларирале како Бугари. Самата организација ВМРО е основана во 1893 година како Бугарски Македонско-одрински револуционерен комитет, по примерот на Бугарскиот Таен Револуционерен Комитет на Васил Левски“, напиша Ковачев.
Оваа негова честитка е упатена откако Пендаровски во ТВ Алсат изјави дека „Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и се борел за автономна Македонија“.