Подобро да се разделиме како пријатели отколку како непријатели, зашто тој процес е неповратлив, вели познатиот бугарски историчар и поранешен пратеник во Собранието на Бугарија, Андреј Пантев, во интервју за БТВ, во врска со македонско-бугарските односи.

По завчерашното заседание на Консултативниот совет за национална сигурност кај Претседателот на Бугарија, темата Македонија повторно е на дневен ред. Побаравме коментар од бугарскиот историчар  Пантев, кој има искуство и како пратеник од „Коалицијата за Бугарија“ во неколку парламентарни состави, се вели во најавата на гостинот.

Професоре Пантев, темата за Македонија одново е на дневен ред по завчерашното заседание на Консултативниот совет за национална сигурност при Претседателот…

– Таа битка веќе сме ја загубиле. Пред 1913 година ние сме единствената православна држава која војува на страната на австро-германскиот блок. Има една книга „Црната овца на Балканот“ – тоа сме ние. Но, и при целата наша самокритичност не треба да заборавиме дека секогаш сме биле опкружени со непријатели и по долго време сме етнички најголемата и воено најсилната држава на Балканот.

Директно кажано, треба ли да ја омекнеме позицијата спрема С. Македонија?

– Порано или подоцна ние ќе ја потчиниме. Ние не сме независна страна. Не можеме да не направиме нешто коешто сите други го одобруваат. Неслујачно ви кажав дека тоа пропадна од претходни причини. И колку и да трепериме од правта на Самуил и величината на Гоце Делчев, тоа е веќе загубена работа. Кога влегуваш во еден сојуз ти треба да знаеш дека сојузништвото означува и делумно доброволно откажување од државниот суверенитет.

А лошо ли е ако ја пуштиме Македонија во преговорите за влез во Европската Унија?

– Не, нема да биде лошо. Подобро да се разделиме како пријатели отколку како непријатели, бидејќи тој процес е неповратен.

Велите да се разделиме, а всушност нели ќе се обединиме кога тие ќе влезат во Европската Унија?

– Не. Се обединивме ли кога тие влегоа во НАТО? Ние немавме ништо против Македонија да влезе во военополитички сојуз како што е НАТО, но, сега имаме нешто против бидејќи сепак ЕУ претставува стопанско и културно обединување. Така што нема ништо страшно. Тој процес ќе си тера. Ние сме разделени одамна и тој факт не може да биде објаснет со никаква историска идеологија и фактологија.

Текстот од целото интервју на бугарски јазик може да го отворите ТУКА.

(Подготви: М.П.)