Бугарската социјалистичка партија повторно поднесе барање до Националното собрание земјата да купи руски вакцини против Ковид-19.
„Ние повторно го доставивме до Парламентот нашиот стар предлог Владата да започне разговори за увоз на вакцината Спутник В“, напиша на Фејсбук лидерката на партијата Корнелија Нинова.
Како што јавува дописникот на МИА од Софија, Нинова прецизираше дека утре предлогот ќе се разгледува во здравствениот комитет на Националното собрание. „Веројатно сите сте ги виделе денешните срамни снимки од редиците на матични лекари и недостигот на вакцини“, рече претседателката на БСП.
Реакцијата на Корнелија Нинова доаѓа по денешните информации за непријатни судири меѓу матични лекари поради недостиг на вакцини.
Повторениот предлог на социјалистите до бугарската Влада да започнат разговори за набавка на руската вакцина „Спутник В“ е последица на хаосот со недостиг на вакцини во земјата. Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, пред распуштањето на стариот состав на бугарскиот парламент, БСП инсистираше бугарската влада да започне преговори со Москва за набавка на руската вакцина Спутник В.