До 20 април следната година е рокот за ликвидација на oрганизацијата „Граѓанско здружение за заштита на основни индивидуални човечки права“, што во неделата го отвори македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
Судската одлука веќе е правосилна и доаѓа по барање на бугарското обвинителство, кое уште во 2019 година отворило постапка по допрен глас на, како што наведуваат тамошните медиуми, Красимир Каракачанов лидерот на бугарската ВМРО БНД. Обвинителството тогаш навело и дека целите на здружението се политички а основачите го прифатиле постоењето на македонското малцинство во Бугарија кое како што навеле, не постои.
-Причината за ова барање е што неговата дејност е во спротивност со Уставот на Р. Бугарија, бидејќи на прво место си поставило политички цели, бидејќи сметаме дека дејноста му е насочена против унитарноста на нацијата и затоа сметаме дека треба да се укине, изјави Георги Мадолев, портпарол на Окружно обвинителство Благоевград.
Одлуката на Окружен суд – Благоевград со која го укинува здружението првично е донесена во август 2020та и во неа меѓу другото наведува дека некои од целите и средствата формулирани во статутот на здружението се во спротивност со бугарскиот Устав.
-Целите наведени во статутот на здружението подразбираат постоење на етнички групи и повикуваат на заштита и одбрана особено на македонскиот етникум, преку наведените средства – одбрана и одбрана на македонската кауза. Вака претставената активност на здружението е насочена против единството на бугарската нација и територијалниот интегритет на нашата земја како основно уставно начело, велат од Окружниот суд во Благоевград.
Во суштина, повикот за одбрана и заштита на самоидентификуваните Македонци, со зацртаните цели и средства за негово остварување, се насочени и против единството на бугарската нација и против територијалниот интегритет на земјата. – стои во пресудата…
Здружението за оваа одлука се жалело и пред апелациониот суд во Софија, предметот пак бил вратен во Благоевград и потоа стигнал и во Врховниот касационен суд кој неодамна ја потврдил одлуката на Окружниот суд од Благоевград за ликвидација на здружението.
Сепак, Атанас Мазнев, кој што е еден од основачите на здружението, за Канал 5 не ја губи надежта, пред се поради одлуките на судот во Стразбур..
-Бугарските судови се повикуваат на едно решение на Уставен суд од 2000 година со кое тогаш ја стави надвор од закон партија на Македонците ОМО Илинден – Пирин. Ние тоа го обжаливме во Европскиот суд за човекови права и тој ја поткрепи нашата теза, односно тој не го прифаќа решението на бугарскиот Уставен суд, изјави Атанас Мазнев, претседател на здружението и клубот Никола Вапцаров.
Судот за човекови права во Стразбур минативе 20-тина година има донесено 16 пресуди со кои и наложува на Бугарија да им овозможи право на здружување на македонското малцинство, но Софија досега нема спроведено ниту една, и покрај тоа што е обврзана со Конвенцијата на Советот на Европа…