Нема голем напредок од средбата на македонско-бугарската Комисија за историски прашања. Бугарскиот копретседавач, Ангел Димитров во гостување во БНТ вели дека е направен еден оптимистички чекор напред за Цар Самоил, а тоа е дека македонската страна прифатила општа позиција.
-Акцентот е токму тоа дека треба да се прифати доминантната гледна точка во светската медиевистика. Таа доминанта гледна точка се совпаѓа со нашата бугарска интерпретација на тоа историско време, вели Димитров.
Неговиот македонски колега, Драги Георгиев за Сител вели дека воопшто не се дискутира за идентитетот на Цар Самоил. Постигната е прелиминарна препорака. Но, што точно ќе пишува во македонските учебници, односно какви препораки ќе даде Комисијата ќе се знае откако ќе завршат целокупните преговори за средновековието. Препораките ќе бидат доставени до владите на двете држави, а тие ќе треба да ги усвојат. Но, начинот на кој ќе биде претставена Самоиловата држава ќе зависи од самите автори.
-Ние препорачуваме на ученикот да му бидат претставени различните перцепции од светските медијависти на тој настан, на таа држава или ако станува збор понекогаш за одредена личност. Дека постојат различни перцепции, дека не постои една единствена вистина. Мора да бидат застапени повеќе перцепции, како што постои во самата историографија и учениците потоа сами да почнат, доколку сакаат се разбира, да изградат свој став за таа држава, вели Георгиев.
Во моментот Комисијата разговара за Охридската архиепископија. Георгиев вели дека и тука македонската и бугарската страна тргнуваат со дијаметрално спротивставени тврдења и ќе треба да се најде средина.
За наводите дека врз Комисијата политиката има големо влијание, Георгиев вели дека директни притисоци нема, но политичарите со сензационалистичките изјави ги подигнуваат надежите, а потоа целата тензија се префрла кон Комисијата.
Премиерот Ковачевски вели дека историската Комисија засега нема испратено конкретни предлози
-Во овој момент нема испратено предлози од страна на историската Комисија до двете влади. Штом ќе биде тоа направено, тогаш ние ќе можеме тоа да го погледнеме и да се сподели соодветно, бидејќи Комисијата е таа која што работи на две теми. Едната е во однос на одбележување на историски личности и периоди, а втората е за нивна употреба во историските учебници, вели Ковачевски.