Претставници на бугарските клубови во Охрид, Битола и Прилеп од Македонија биле сослушани во бугарската Собраниска Комисија за политики за Бугарите надвор од Бугарија, објави БНТ.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, тие се пожалиле на систематско кршење на правото на слободно изразување и етничко самоопределување на бугарските граѓани во Република Македонија и побарале сериозно следење и поактивна помош од Бугарија и нејзините европратеници во Брисел.
Претседателот на Парламентарната комисија во 48. Народно собрание Костадин Костадинов од „Преродба“ ги запознал со текстот на писмото што го подготви до вршителот на должност премиер на Бугарија Галаб Донев со детално објаснување за проблемите на Бугарите во Македонија и со инсистирање на средба. Заменик-претседателот на Комисијата Елисавета Белобрадова од „Демократска Бугарија“ изјавила дека ќе се подготви детален извештај на оваа тема и ќе биде доставен до Европската унија. Белобрадова ги информирала своите колеги дека бугарските училишта во регионите на Украина окупирани од Русија се затворени.
Во исто време, вршителот на должноста министер за надворешни работи Николај Милков, кој беше сослушан во собраниската Комисија за надворешна политика, објавил дека е прекинато изучувањето на бугарскиот јазик на украинските територии окупирани од Русија. Тој посочил дека е јасно оти не е Украина таа која им забранува на тамошните бугарски заедници да го изучуваат својот јазик, туку руските окупациони власти.
Комитетот за надворешна политика на Бугарското Народно Собрание одобри нацрт-резолуција со која гладот во Украина од 1932 до 1933 година се прогласува за геноцид, со што Бугарија се рангира меѓу земјите кои категорично ги осудуваат злосторствата на советскиот комунизам. Против одлуката гласаа пратениците на БСП и Преродба. Одлуката треба да се гласа во Народното Собрание на Бугарија.