Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека спротивставувањето на опозицијата на Договорот за името со Грција, кој, како што вели е договор за идните генерации, а не идните избори, ќе ја искомпликува политичката ситуација во земјата. Но, се уште се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе сфати дека земјата нема иднина без ЕУ и НАТО и оти така ќе се однесува. Сепак, тој е уверен дека и без поддршката на опозиција процесот може да биде успешен, пред се, како што вели, заради довербата во изборот и проценката на народот.
– Опозицијата се уште го држи овој процес во заложништво, а со тоа и иднината на државата. Би сакале оваа битка да ја водиме заедно со опозицијата, но, ако е потребно ќе го направиме тоа и без нив и ќе успееме. Верувам дека со големата поддршка на граѓаните ќе успееме да го направиме тоа во предивденото време, вели Османи во интервју за грчкиот весник „Етнос“, кое го пренесува МИА.
Прашан што доколку референдумот, што треба да се одржи есенва, не биде успешен, вицепремиерот истакнува дека не очекува оти тоа може да се случи, затоа што, истакнува, има доверба во народот.
– Сигурен сум дека народот ќе го препознае едноставниот избор, може да одиме напред кон подобра иднина или да се вратиме назад во минатото. Сигурен сум дека повеќето ќе го изберат првото, вели Османи.
Тој истакнува дека затоа работат да ја убедат опозицијата да вети дека ќе ја поддржи волјата на народот каква и да е и оти и власта ќе направи тоа.
– Ако има и еден глас повеќе против договорот ние ќе го почитуваме таа волја на луѓето, вели Османи.
Тој одговарајќи на прашање што доколку на предвремени избори, можност што ја најави Зоран Заев, на власт дојде партија која не се согласува со Договорот, вели предвремени избори не се приоритет бидејќи тие би ги успориле реформи, но верува дека и кога би се одржале избори утре владејачките партии повторно би победиле.
Во врска со едно од прашањата што произлегува од Договорот за името, а е поврзан со комерцијалниот бренд „Македонија, Османи вели дека многу аспекти од овој Договор, кој според него, во основа е фер копромис за двете страни, треба да се воспостават преку пракса и добра волја да се оди напред.
Како најголем предизвик со кој земјава се соочува на патот кон ЕУ, ги посочува корупцијата и судскиот систем, но и воспоставување систем на меритократија, вреднување на сработеното и создавање државни служби во интерес на граѓаните.
– Подготвени сме да се цврсто да се посветиме на овие реформи, кои ќе донесат брзи промени, вели вицепремиерот Османи. Тој додава дека предизвик за земјата се и подготовките за тешкиот скрининг процес и подоцна за преговорите со ЕУ, бидејќи, како што посочува, законодавството, политичкиот и социјалниот систем мора да се приспособат кон ЕУ стандардите.
Во врска со интересот на други меѓународни актери, меѓу кои и Русија за регионот, во момент кога сега тој забрзано чекори кон ЕУ и НАТО, Османи вели дека Москва нема ниту ниту ресурси, ниту толкав интерес да создава проблеми во овој регион за подолг период.
– Верувам дека сегашните напори на Русија се последен обид да го сопре или успори неповратниот процес на пристапување на Макединија во ЕУ и НАТО, додаде Османи во интервјуто за „Етнос“, кое го пренесува МИА.
Во врска со информациите на македонската Влада за тоа дека руски бизнисмен од Грција давал пари за насилни протести во Македонија пред рефрендумот, Османи ги повикува меѓународните и домашните институции да извршат брза и непристрасна истрага во врска со овие наводи со цел да се открие вистината.