Најмалку 20 лица се повредени во бура која ја зафати Германија, а силните ветрови и поплави, предизвикаа и материјална штета на северот од земјата.
Три жени и четворица мажи беа тешко повредени на свадба при пад на гранка во северната покраина Мекленбург-Западна Померанија. Едно лице претрпело помали повреди.
Горен дел на дрво скршено од ветер, исто така, паднало врз гостите на отворена забава во близина на Берлин, при што биле поведени 11 лица.
Германската престолнина беше погодена од бурата „Клаус”. Според германската метеоролошка служба, во Берлин дувал ветер со брзина од околу 110 километри на час.
Возовите на долги релации речиси два часа беа заглавени во централната станица во Берлин, откако невремето ја оштети техничката опрема и урна дрва врз шините.
Во Источна Германија, исто така, беа забележани големи дождови. Само во градот Варен за два часа наврнаа околу 35 литри дожд на квадратен метар.