Освен поплавите на трговски центри и други објекти низ Скопје, невремето со силен дожд и град, кое вчера попладне го зафати Скопје, предизвикало штета и во зградите на Владата и на Собранието, објави ТВ Сител.
Од Дирекцијата за заштита и спасување за ТВ Сител изјавија дека поплавени се гаражите на Владата, а водата продрела и во ресторанот и подрумските простори во Собранието. Регистрирана е поплава и во Министерството за здравство и во зградата на поранешното СЈО, како и во МВР, објави телевизијата.
Невремето во Скопје предизвика големи материјални штети и поплави низ градот. Силниот град оштети стакла на возила, имаше паднати или откорнати десетици дрвја низ градот, а настрадаа и покривите на многу згради.