Агент на руската воена разузнавачка служба ГРУ, кој бил вмешан во случајот „Скрипал“ три пати престојувал во Бугарија, изјави денеска бугарскиот главен обвинител Сотир Цацаров по средба со премиерот Борко Борисов, јави Бгнес.
Борисов утрово се сретна со британската амбасадорка Ема Хопкинс, а на средбата присуствуваа и министерот за внатрешни работи Младен Маринов и Цацаров. Состанокот се одржа во врска со информацијата дека еден од вмешаните во случајот „Скрипал“ бил во Бугарија во времето кога бил отруен бизнисменот Емилијан Гебрев.
– Тројца припадници на руските служби се прогласени за вмешани во случајот Скрипал. Двајца од нив се осомничени како директни сторители, а третиот Сергеј Федотов е осомничен дека помагал. Утврдено е дека за 10 години првите двајца не влегувале во Бугарија, додека третиот престојувал на бугарска територија три пати, тврди Цацаров.