ЦАРИНА ЈА ДЕМАНТИРА ТЕЛМА: Обврзниците не се со истечен, туку со доспеан рок, патникот пред суд ја призна вината

/ 10.08.2023

Царинската управа ја информира јавноста дека прилогот објавен на Телма во врска со неодамна запленетите обврзници, содржи непроверени информации и истите сакаме да ги демантираме.

Станува збор за обврзници со доспеан, а не со истечен рок како што е наведено во прилогот. Обврзниците имаат датум на доспевање, што значи дека истите може да се ефектуираат по истекот на тој датум.

Дополнително сакаме да ја информираме јавноста дека патникот кај кого се пронајдени обврзниците пред судот ја призна вината, по што е донесена пресуда од страна на судот со која обврзниците се одземени. Во исказот пред судот патникот изјавил дека имал намера да ги ефектуира обврзниците во странска земја.

Апелираме до медиумите и до јавноста да се држат до точни и проверени информации, затоа што сите шпекулации може да и наштетат на понатамошната истрага.

Финансиската истрага продолжува во соработка со сите релевантни тела и институции на национално и меѓународно ниво, со цел докажување на евентуален обид за измама или спречување на перење на пари. Истрагата ќе покаже која е реалната вредност на обврзниците и која е крајната намена на истите.

Согласно Законот за Царинска управа една од надлежностите на Царинската управа е и вршење на контрола на физички преносливи средства за плаќање – обврзници преку царинската линија на Македонија, се наведува во демантот на Царинската управа.


Од истата категорија