Приходите што ги наплатила Царинската управа веќе трет месец се повисоки во однос на лани, што покажува дека дисциплината е на високо ниво. Наскоро ќе биде ставен во функција и системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички, кој ќе препознава лица, возила, ќе алармира за сомнителни движења, но и кога има оптовареност на лентите на граничните премини. Воедно, за многу скоро време се очекува и царинските службеници на 5 гранични премини да бидат опремени со боди камери, вели директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.
Николовски, во Дневникот на Македонска Радио Телевизија, вчера потенцираше дека во Царинската управа работат врвни професионалци, а за оние што нема да покажат резултати како што рече нема да има простување.
-Во август се отпочнати 18 дисциплински постапки. Царинската политика согласно приоритетите на Владата, под водство на премиерот Христијан Мицкоски, се темели на два столба – економска трансформација и сузбивање на криминалот и корупцијата. Согласно поставените приоритети во моментов интензивно се работи на повеќе проекти и реформски политики, изјави Николовски, информираат од Царинската управа.
Покрај системот за видео надзор Николовски вели дека интензивно се работи на отпочнување на проектот за автоматизација на терминалите со грант од ЕУ којшто значително ќе придонесе за забрзување на транспортот и олеснување на трговијата. Проектот подразбира замена на постоечките ваги со дигитални, како и дигитални рампи. Воедно, веќе се работи на усогласување на смените со Агенција за храна и ветеринарство. Во делот на сузбивање на криминалот унапредена е соработката со Бирото за јавна безбедност, а со УЈП е договорено размена на податоци и уште поважно нивно мечирање.
Електронска размена на податоци е договорена и со Државниот завод за статистика и со Народната банка на што исто така интензивно се работи.
За зајакнување на партнерските односи со бизнис заедницата по пауза од две години е реактивирано и Советодавното тело каде членови покрај Царинската управа се стопанските комори и асоцијациите. Ова се само дел од отпочнатите активности, при што директорот Николовски рече дека ќе бара конкретни резултати кои ќе бидат видливи и мерливи преку зголемување на конкурентноста на македонската економија и сузбивање на криминалот и корупцијата.
Фото: Царинска управа